1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конгресен дебакл на СДСМ - отчетот одложен за во иднина

ДТЗ
10 јуни 2024

Членството е поделено: според еден одложувањето на конгресот е преседан и „шлаканица“ од незадоволните членови, додека според други нема бојкот, туку е потребно повеќе време за анализа на извештаите

СДСМ Македонија
Членството е поделено: според еден одложувањето на конгресот е преседан, додека според други нема бојкот во партијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Бојкот“ на дел од делегатите го одложи отчетниот конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), по дебаклот на претседателските и парламентарните избори на 8 мај. Партијата која што ја започна постапката за избор на нов лидер, викендов не успеа да го заокружи конгресот, кој беше закажан со цел да се анализираат лошите изборни резултати и да се утврдат следните чекори со цел заздравување на партијата. Засега е неизвесно кога конгресот ќе продолжи, но дел од членовите и кандидати за нов партиски лидер, сметаат дека станува збор за преседан и „шлаканица“ од незадоволното членство кон „базата“. 

Повеќе простор за дебата 

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска вели дека конгресот е одложен поради потребата да се анализира обемниот извештај и тој да се дебатира во рамките на општинските организации. По завршување на целиот процес, Конгресот ќе продолжи, изјави Лукаревска во емисијата „Студио 10“.

И покрај тоа што голем број од делегатите не дошле на Конгресот во хотелот „Александар Палас“ во неделата (09.06), таа смета дека не се случил „конгресен дебакл“ и дека не станува збор за бојкот. 

„Некои не можеле да дојдат поради свои причини, но секако има делегати кои поради сопствениот револт, не се појавиле. Револтот на членството се преслика и на изборниот резултат. Тоа е анализата што треба да ги направи новиот претседател и раководство, но и старото раководство“, вели Лукаревска.

Одложувањето на конгресот, според неа, не е преседан. „Ако имаме простор за дебата и одредени делегати имаат одредена потреба за да ги видат одредените слабости - може има уште простор за критика… Не сметам дека тоа е соодветен аларм. Шпекулации има многу, но исто така и после војна има многу генерали“, вели Лукаревска. 

Сања Лукаревска смета дека не се случил „конгресен дебакл“ и дека е станува збор за бојкот на Конгресот на СДСМФотографија: Petr Stojanovski

„Шлаканица од членството“ 

Кандидатот за лидер на СДСМ, Јован Деспотовски ги критикуваше случувањата на отчетниот конгрес. Според него, станува збор за преседан, оти не се случило досега неодржување на конгрес во СДСМ. 

„На конгресот на СДСМ, сите оние кои се повикуваа на членството и на 'базата' добија шлаканица и јасна порака од тоа членство дека се незадоволни“, вели Деспотовски. 

Во објава на социјалните мрежи, тој оценува дека СДСМ имал тешки периоди и порази, но никогаш не се случило раководството и центрите на моќ во партијата да добијат ваква шлаканица од членовите. „Она што се случи не е добро. Вознемирен сум како и голем дел од членството. Но, не сум изненаден“, порачува тој.

Според Деспотовски, со години наназад, а особено последниот период, членовите се третирани како гласачка машина. „Постојано им се сервираат готови решенија. Доколку се продолжи со продавање на приказната дека во СДСМ работите се однапред решени, дека процесите се однапред креирани од еден центар на моќ, пак ќе се соочиме со истиот одговор, како денес. На СДСМ му треба победнички лидер, а не пазарџија“, дециден е тој. 

Јован Деспотовски вели дека станува збор за преседан, оти не се случило досега неодржување на конгрес во СДСМ. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Неизвесности околу Конгресот 

Според најавите на партијата, конгресот на СДСМ ќе продолжи откако општинските организации ќе се произнесат за извештајот за претседателските и парламентарните избори.

„Поради обемниот материјал на Извештајот кој опфаќа политички, оперативен и аналитички дел, општинските организации на СДСМ побараа време за да го анализираат, да се произнесат и да дадат свој придонес, на ниво на општински изборни штабови и на ниво на општински организации во конечната верзија на извештајот. Предлогот беше поддржан од мнозинството присутни делегати со што се одлучи Конгресот да прекине со работа, да се даде време општинските организации да го анализираат Извештајот, да се произнесат и дадат свој придонес во конечната верзија со забелешки, сугестии и заклучоци, порачаа од партијата. 

Досегашниот претседател на партијата Димитар Ковачевски по изборниот пораз, на седница на партискиот Извршен одбор што се одржа на 22 мај, официјално го потврди повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побара свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.

На 6 јуни заврши рокот за кандидирање за претседател на СДСМ. Кандидатури за претседател на партијата поднесоа поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и актуелниот заменик-министер за информатичко општество и администрација во техничката влада, Александар Бајдевски. 

Вонредните внатрепартиски избори за нов претседател на СДСМ ќе се одржат на 30 јуни. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми