Токсичниот воздух ги крена граѓаните на нозе
11 септември 2025
Дождот не помогна многу во гаснењето на огнот, а мирисот начад и изгорена пластика сè уште се чувствува во неколку скопски населби по пожарот којшто ја зафати депонијата Дрисла. Жителите на скопските населби Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Драчево алармираат за големо загадување на воздухот коешто се чувствуваше особено во вечерните часови. Штипење и солзење на очите, како и отежнато дишење, се само дел од симптомите на коишто се пожалија жителите на оние скопски населби, каде ветрот во попладневните часови го донесе сиот чад од запалената депонија. Надлежните најавија затрупување на депонијата Дрисла, но и на Вардариште, како и забрана за движење поради сомнежите дека станува збор за подметнат пожар. Агенција за обезбедување веќе патролира кај депонијата „Вардариште“, а во најава се и други мерки кои ќе бидат преземени во наредниот период. Трајно решение за проблемот со депониите ќе се бара по изборите.
Граѓаните и екологистите се децидни дека „Дрисла го затру Скопје“ и бараат итни мерки и решенија за овој проблем кој се провлекува со години.
Алармантна состојба
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го квалитетот на воздухот во главниот град на Македонија, откако избувна пожар во депонијата „Дрисла“, рече дека иако визуелно изгледа дека воздухот во Скопје е загаден, сепак, испитуваните параметри на штетни честички не се така алармантни.
„Нема зголемени такви параметри што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но, лошо е да се прави тоа. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето кому му одговара ова да се случува сега. Кога ќе дадете одговор на ова прашање, ќе ви стане јасно кој и зошто го прави“, изјави Мицкоски.
Но, екологистите и граѓаните на социјалните мрежи споделуваат фотографии од апликациите за мерење на загаденоста на воздухот, велат дека параметрите на штетни честички во воздухот во овие населби се високи.
„Го повикуваме премиерот Христијан Мицкоски јавно да каже кои параметри покажуваат дека нема „аларм“ за воздухот кој го дишеме деновиве од запалени депонии и отпад? Зошто канцерогените и токсични фурани, диоксини, PAHs, VOC, тешки метали и други опасни материи воопшто не се мерат кај нас, а ги изнадишавме. Дали ако не се мерат – значи не постојат?“, велат од О2 Иницијатива.
Сериозна закана за здравјето
Според нив, научните докази јасно велат: тлеење на стара депонија и горење отпад во урбано подрачје е сериозна закана по здравјето. Затоа бараат итна и експертска акција, а не релативизирање и негирање на штетните последици по здравјето.
Реагираат и од Зелен хуман град, посочувајќи дека граѓаните секоја следна година се дават во сè повеќе отпад и дишат сѐ позагаден воздух од кој умираат илјадници луѓе годишно. Посочувајќи дека според Европската комисија меѓу 15 и 30% од отпадот кој се извезува од ЕУ земјите завршува како нелегален транспорт во некоја од земјите што не се ЕУ–членки, особено во земјите со слаба легислатива за управување со отпад и уште послаба имплементација како што е Македонија, тие укажуваат дека современите општества се стремат кон нула отпад.
„Нула отпад како концепт значи најнапред обезбедување дисперзирани компостари за биоотпад во секое маало од кои ќе се добива компост (органско ѓубриво за почва) или биогас. Во Македонија/Скопје меѓу 60 и 80% од вкупниот комунален отпад е биоотпад. Ако успешно го спроведеме биокомпостирањето тоа ќе значи елиминирање на 60-80% од отпадот кој завршува во нашите контејнери, елиминирање на 60-80% од трошоците кои сега сите ги плаќаме за транспорт и за депонирање на тој отпад“, велат од ЗХГ.
Забрана за движење
Екологистите бараат континуирано обезбедување на депониите со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења, поставување ограда околу целата депонија, како и камери кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7. Исто така се бара формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста и целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад.
Како дел од мерките за спречување идни пожари, Управувачкиот комитет за справување со кризи ѝ предложи на Владата да донесе одлука за забрана за движење на депонијата „Вардариште“. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека освен на гаснење на „Дрисла“,се преземаат мерки и за гаснење на пожарот на депонијата „Вардариште“ од каде веќе десетина дена се шири непријатна миризба. Депонијата ќе биде обележана и движењето во неа ќе биде казниво, со цел да се спречат обидите за нејзино потпалување.
Министерството за внатрешни работи веќе има поднесено кривични пријави против три лица кои создале дива депонија и вршеле дејност на откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови, без да имаат регистрирано правно лице и без соодветна дозвола за управување со отпад.