Вајц: Не гледам никаков напредок и реформи во Македонија
27 април 2026
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ предупреди дека земјата и граѓаните би можеле да ја пропуштат клучната можност за напредок кон Европската Унија, доколку Владата не го искористи актуелниот моментум за ЕУ-интеграции.
Вајц нагласи дека проблемот не е само вклучувањето на Бугарите во Уставот, туку и застојот во реформската агенда. Според него, во моментов не се забележува суштински напредок во спроведувањето на реформите.Тој повтори дека уставните измени остануваат услов без кој преговорите со ЕУ не можат да продолжат.
„Постојат одредени позитивни чекори, како акцискиот план за прашањата на малцинствата, но Владата мора да ги спроведе реформите. Во спротивно, не можеме да влеземе во вистински преговори“, истакна Вајц.
Реформи и услови за напредок во ЕУ
Според Вајц, меѓусебното почитување меѓу земјите е основа на соработката во Европската Унија, принцип кој важи и за сите земји-кандидати. Тој потенцираше дека заедничкиот интерес е стабилен и безбеден европски простор, особено во актуелните геополитички околности.
„Во последната година не видовме никаков напредок, ниту реформи. Не станува збор само за започнување преговори, туку и за реформската агенда и планот за раст. Доколку земјата не ги спроведе потребните реформи, средствата – вклучително и 47 милиони евра – ќе бидат пренасочени кон соседните земји“, предупреди Вајц.
Ваквите предупредувања следат по пораката којашто ја испрати европската комесарка за проширување Марта Кос дека е неопходно значително забрзување на реформските процеси за целосно искористување на овој финансиски пакет. Шесте земји од Западен Балкан ризикуваат колективно да зaгубат повеќе од 700 милиони евра од Планот за раст на Европската Унија доколку до средината на годината не ги спроведат договорените реформи.
Сигурен партнер на ЕУ?
На прашањето дали Македонија може да се смета за сигурен партнер на Европската Унија, Вајц во интервјуто оценува дека постојат позитивни и негативни трендови. Како позитивен пример го наведе договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија за Коридорот 8, кој, според него, има стратешка важност и за НАТО и за регионалната безбедност.
„Само преку приближување и соработка можеме да продолжиме напред“, рече Вајц.
Според него, клучните реформи за пристапување во ЕУ се поврзани со владеењето на правото, борбата против корупцијата и обезбедувањето независен и ефикасен судски систем.
„Корупцијата е рак во нашите општества, вклучително и во ЕУ. Прашањето е дали институциите имаат капацитет, волја и политички простор да дејствуваат. Сè уште очекуваме видливи подобрувања од Северна Македонија“, наведе Вајц, додавајќи дека тоа е јасно нотирано и во неговиот извештај.
Преговарачката рамка и уставните измени не се предмет на преговори
Во контекст на најавите за можноста за повторно преговарање на преговарачката рамка, Вајц вели дека заштитата на малцинствата, правото на самоопределување и културно изразување се дел од Копенхашките критериуми и не се предмет на преговори.
„Ова е јасен предуслов на Европската Унија. Без уставен амандман, преговорите нема да започнат“, порача тој.
Коментирајќи го фактот дека Северна Македонија веќе е одвоена од Албанија на европскиот пат, Вајц изразува надеж дека напредокот на Албанија ќе биде стимул за македонската политичка сцена. Тој вели дека граѓаните ја поддржуваат ЕУ не поради апстрактни политички аргументи, туку поради конкретните бенефити – владеење на правото, безбедност, економски развој, инфраструктура и подобар квалитет на секојдневниот живот.
Кога е можна реална интеграција во ЕУ?
Во однос на можноста за членство, Вајц оцени дека Македонија сè уште има шанса да се приклучи заедно со Албанија и Црна Гора во текот на овој мандат на Европскиот парламент, доколку сериозно се обврзе на реформите.
„За жал, во моментов не гледам доволна политичка волја, особено во делот на владеењето на правото и независноста на судството. Но, нема да се откажам – мојата улога е да поддржам и да помогнам регионот да напредува“, порачува Вајц.
Ова не е прво предупредување на Вајц за застојот на реформите во Македонија. Тој и во нацрт-извештајот за напредокот на Македонија во февруари годинава, побара забрзани реформи, уставни измени и поголема поддршка од ЕУ за евроинтеграцијата.