1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Торби полни со кеш: Германија е рај за перење пари

АРД | СН
15 април 2023

Во Германија, со готовина, можете да купите автомобил или куќа. Се верува дека вака криминалците перат сто милијарди евра годишно. Инспекторите бараат тоа да се промени, но има и аргументи во полза на плаќањето во кеш.

Готовинското плаќање како потенцијална мамка за перење пари
Готовинското плаќање како потенцијална мамка за перење париФотографија: imago images/teamwork/A. Duwentäster

На Дирк Пеглов, раководител на Здружението германски криминалисти, му паѓа мрак на очи кога новинарите го прашуваат за перење пари. „Во последните 5 години прашањето за борбата против перење на пари во Германија екстремно е запоставено“, вели тој.

Пред пет години надлежноста за овие работи беше префрлена на таканаречената Финансиска разузнувачка едниница (ФИУ).

Тоа звучи одлично и опасно за криминалците, но благо речено тоа е тигар од хартија. Вработените во ФИУ воопшто не се криминални истражители, туку се во надлежност на царината. Често немаат пристап до базата податоци на полицијата. Хронично им недостасуваат луѓе што дури ни кај јасните случаи едвај нешто во догледно време завршува пред суд.

„Тоа што царинската служба е задолжена за обработка на кривичните дела за перење пари, е како службата за регистрација на возила да е задолжена за кражба на автомобили или канцеларијата за грижа на деца и млади да истражува случаи на сексуално злоставување на малолетници“, вели Пеглов.

Тоа се знае меѓу криминалците и надвор од границите на Германија. Веќе долго постои сомнеж дека во Германија токму се доаѓа да се перат пари. 

Валкани пари во Германија 

Пописот на работи каде се вртат огромни пари кои потоа треба се внесат во легалните текови е прилично долг: трговија со наркотици, оружје, луѓе, легални игри на среќа, проституција па сѐ до рекетирање и „обични“ кражби. 

Маркус Зидра е германски новинар кој добро ги познава и црните и белите патишта на парите. За јавниот сервис АРД тој изнесе проценка дека се работи за 100 милијарди евра годишно кои се перат во Германија.

„На прв поглед изгледа одлично што 100 милијарди течат во германската економија. Тука се создава деловен промет, се продаваат автомобили, куќи, накит... Тоа ја засилува економијата и работните места“, вели тој.

Нелегалните пари продолжуваат да ги зголемуваат цените на недвижностите во ГерманијаФотографија: Christoph Soeder/dpa/picture-alliance

Но, проблем е кога овие сопственици, значи криминалците, стекнуваат углед како „сериозни предприемачи“ и во очите на локалните политичари. Ним работата за перење пари им е полесна бидејќи Германците упорно чуваат готовина. „Во Германија сѐ е исклучително едноставно бидејќи тука готовината има голема улога и никој не сака да го ограничи волуменот на исплата во готово. Затоа тука дури и големите вложувачи, дури и сериозните износи сѐ уште ги плаќаат во готово“, предупредува Зидра.

Додуша, постојат одредени прописи на банките кога примаат готовина, но и тие се задоволни кога продавачот ќе предложи купопродажен договор. Никој премногу не прашува од каде му се на купувачот парите.

Кога во прашање не се милииони, туку на пример, десетици илјади евра е уште поедноставно. „Дојдете во казино и готовината заменете ја за жетони, ќе загубите едно евро и на благајната за жетони повторно заменете ги за пари, и потврда за исплата. И парите се чисти“, објаснува Зидра. „Или купете автомобил или куќа во кеш, и веднаш продадете ја.“ 

Чии се всушност недвижностите? 

Особено секторот за недвижности е погоден за перење пари. И организацијата Транспаренси интернешнал проценува дека само во купопродажните недвижности годишно се перат милијарди евра.

Бидејќи и таквите износи се губат во големиот волумен - вредноста на недвижностите во цела Германија е околу 15 билиони евра и постојано се вртат големи износи. Ако тука дојде и нешто „од страна“ никој нема да крева врева.

„Ние во Германија всушност не знаеме точно кому му припаѓаат недвижностите“, вели Зидра за АРД. „Катастарските книги се нецелосни, не се централизирани и често вистинските сопственици се кријат зад име на фирми.“ 

Тоа е проблем и за чесните купувачи, бидејќи побарувачката на криминалците ја крева цената до врв.

Во начело, германската влада е свесна за проблемите. „Не смее да се дозволи криминалци илегално да стекнуваат добивка и така да се богатат. Тоа ги поткопува идеалите на општеството кои ги цени заслугите и торпедира доверба во Германија како правна држава. Поради тоа германската влада мора сега одлучно да делува“, пишува во месечниот извештај на германското Министерство за финансии од октомври 2022 година. 

И купувањето во кеш на скапи нови автомобили е идеална можност за перење париФотографија: Peter Byrne/PA/picture alliance

Барем граница за готовинско плаќање 

Зидра вели дека е краен час нешто да се стори. „Ако пуштате пари на криминалците во земјата, така го зајакнувате и самиот криминал.“ А, всушност парите се нивна слаба точка, тоа одамна го утврдија искусните истражители кои се борат против италијанската мафија.

Германската владеачка коалиција сака нешто да преземе: министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, минатиот ноември најави создавање на сојузен регистар на недвижности на целото подрачје на Германија. Освен тоа оваа политичарка се залага за одредување на горна граница за уплата во готово на 10.000 евра.

Криминалистите како што е Пеглов одамна бараат таква горна граница. „Неопходно е да ја укинеме можноста луѓето за 80, 90 или 100 илјади евра во готово, на пример, да купат автомобил“, смета тој.

Тука се согласува и новинарот Зидра: границата на кешот можеби нема да го реши проблемот „но, ќе им се направи животот на криминалците малку потежок кога веќе нема да биде легално да купат куќа со торба полна пари“.

Таква граница не е ништо ново, во Италија со кеш може да се платат најмногу 5.000 евра, во Франција и во Шпанија илјада, а во Грција само 500 евра.

За волја на вистината, во Германија е силна и критиката за укинување на готовинското плаќање. Многумина мислат дека преминувањето на исклучиво плаќање со картички води до „стаклен граѓанин“ за кој банката и државата знаат сѐ, па и како го троши секој цент. Велат затоа е кешот важна ставка за слободата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми