1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Специјална единица ќе се справува со пожарите

ДТЗ
24 јули 2024

Управувачкиот комитет и препорача на Владата итно да се реорганизира системот за справување со кризи. Министерот Панче Тошковски вели дека идејата е ЦУК и ДЗС да се спојат во една институција.

пожари Неготино
Специјална единица ќе се справува со пожаритеФотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

По бројните пожари во земјата коишто предизвикаа огромна материјална штета, се размислува за коренити промени во системот за справување со кризи. Една од опциите е спојување на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК)  и формирање на специјално тело коешто би имало и материјални и кадровски капацитети да се справува со вакви кризи во иднина. 

Ваквите предлози биле ставени  на маса на средбата на Управувачкиот комитет за управување кризи, кој и препорача на Владата итно да донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем за соодветно да се справи со секоја криза која би настанала во земјата. 

Нема соодветен систем за справување со кризите

Одлуката ја соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој оцени дека пожарите се национална катастрофа, а системот за заштита од кризи е несоодветен. 

„Ова кое што се случуваше со пожарите е мизерно за една држава која сакаме да биде дел од ЕУ, од аспект што немаме систем кој може да се справи со кризен менаџмент, кој соодветно ќе одговори на кризните состојбите, особено со пожарите“, изјави Тошковски.

Според него, факт е дека и ЦУК и сите останати институции делуваат во рамки на наследените капацитети, но тоа не е соодветно согласно потребите.

„Наследивме руиниран систем и мораме суштински да го реформираме,за идната година да не не снајде истото“, рече Тошковски.

Досега има двајца осомничени за пожаритеФотографија: Petr Stojanovski

Специјална единица

Министерот за внатрешни работи информираше дека се разгледува можноста за законски промени со кои ЦУК и ДЗС би биле под една команда и би се формирала една специјална единица. Исто така се бара решение и за проблемите со кои се соочуваат вработените во Национални шуми. Според Тошковски, одлучено е да се издвојат 15 тони гориво од резервите на државата за да можат и Национални шуми навремено да помогнат во однос на целокупната состојба со пожарите. 

Двајца осомничени за пожарите

Полицијата забрзано работи на откривање на причините за пожарите. Досега има двајца осомничени за два настани поврзани со пожарите. Министерот апелираше до граѓаните коишто имаат некакви сомнежи или информации, да ги споделат со цел да се спречат огнените стихии во иднина. 

Битката со големите пожари трае веќе две недели. Во моментот активни се седум пожари. „Ангажирани се сите ресурси и засега нема потреба од странска помош. Успешно се справуваме со актуелните пожари, за денеска се најавуваат и врнежи ќе ја стабилизраат состојбата“, вели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Досега се повредени неколку пожарникари при справувањето со гонените стихии. Еден пожарникар и еден жител на населено место здобиле изгореници при гаснење пожар, командир на Штипската противпожарна единица ги скршил двете раце паѓајќи во провалија, а со него паднал и пожарникар кој ја скришил едната рака. 

„Пожарот во Општина Македонски Брод е засега најкритичен, а се движи кон ловиштетот „Јасен“, селата Брезница и Тажево. На некои од овие места гори и борова шума. Активен е и пожарот во Општина Пласница, во месноста Стрмол, каде гори мешана шума. На територијата на Долнени има пожар и во атарот на село Гостиржани кој е префрлен од атарот на село Богоила, Општина Чашка, пожар има и во селата Мокрени и Габровник каде гори мешана шума и ниска вегетација“, вели Ангелов. 

Уште се прават проценки околу штетата што ја предизвикаа пожарите. Фотографија: Petr Stojanovski

Еколошка катастрофа

Повеќето од пожарите се на тешко пристапен или непристапен терен поради што е отежнато нивното гаснење. „Под контрола се ставени и пожарите на Серта, нема активно горење, но ситуацијата будно се следи. Немаме потреба од странска помош, земјава има доволно домашни ресурси“, вели Ангелов.

Уште се прават проценки околу штетата што ја предизвикаа пожарите. 

„Според мојата лична перцепција, на планината Серта најголем дел или преку 90 отсто се изгорени трева, грмушки, трње, нискостеблести растенија и борови покрај патот. Економската штета можеби не е голема, таа е поголема во однос на ресурсите, но еколошката штета е голема. Изгоре голем дел растенија чиј коренов систем ја одржува почвата па сега, при врнежи, може да дојде до ерозија“, вели Ангелов. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми