1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Институциите под лупа по смртоносниот пад на мајка и дете

3 март 2026

Министерот Панче Тошковски информираше за низата настани коишто претходеле на трагедијата: серијата пријави за насилство, казненото досие на сопругот кој има 10 пријави, како и за повлекувањето на пријавите

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски
Министерот Панче Тошковски информираше дека за низата настани коишто претходеле на трагедијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Трагичниот настан во скопската населба Карпош, во кој живототго загубија мајка и шестгодишно дете по пад од балкон, бил претходен од низа случаи на семејно насилство, расправии и пријави од соседи. Полицијата повеќепати интервенирала, но и покрај тоа трагедијата не била спречена.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на вонредна прес-конференција соопшти дека полициските службеници интервенирале по пријава за расправија меѓу сопружниците кратко пред немилиот настан. Иако имало индиции за семејно насилство, 31-годишната Ивана Јовановска одбила да поднесе пријава против сопругот, наведувајќи дека недоразбирањата ќе ги решат по мирен пат и дека веќе е во тек бракоразводна постапка. Не се знае дали изјавата била дадена доброволно или под евентуална присила.

Падот од балкон го пријавил случаен минувач

Пријавата била поднесена во 14:10 часот од случаен минувач кој забележал жена и дете како паднале од балкон на улицата „Теодосиј Гологанов“. Полицијата и Итната медицинска помош веднаш излегле на терен, но кај мајката и детето била констатирана смрт. Од местото биле подигнати материјални траги и мобилен телефон. Според првичните информации, мајката и детето биле сами во станот, кој бил заклучен одвнатре.

Полицијата интервенирала истиот ден

Истиот ден во 12:05 часот била примена пријава за расправија меѓу сопружниците. Полицијата пристигнала во 12:19 часот. Ивана изјавила дека немало физички контакт и дека не бара полициска интервенција. Навела дека брачните односи ги решава преку судска постапка. По дадената изјава, таа се упатила кон станот, каде подоцна се случила трагедијата.

Сопругот уапсен – следуваат кривични пријави

Полицијата го уапсила сопругот Стојанче Јовановски, за кој според министерот Тошковски се подготвуваат пријави за наведување на самоубиство, загрозување на безбедноста и семејно насилство.

Според МВР, во последните две години против него биле поднесени десет кривични пријави за имотни деликти, насилен криминал и недозволена трговија со дрога. Претходно кај него биле пронајдени 20 паковки наркотична супстанција, а по барање на јавен обвинител му биле изречени мерки на претпазливост – редовно јавување во суд.

Во 2025 и 2026 година биле пријавени повеќе нарушени односи и напади меѓу сопружниците. 

Тошковски посочи дека МВР во последните години работи со засилен интензитет на ваквите случаи. Само во Скопје, во 2024 година биле поднесени 213 кривични пријави, во 2025 – 224, а во 2026 година веќе се поднесени 28 пријави.

„Треба да го смениме кодот на однесување, не само на полицајците, социјалните работници, туку на секој еден од нас. Поради тоа ги повикувам сите граѓани кои ќе бидат сведоци на конкретно семејно насилство да го пријават до МВР“, рече министерот.

Министерството за социјална политика: Се спроведува вонреден инспекциски надзор

Министерството за социјална политика, демографија и млади соопшти дека по трагичниот случај е започнат вонреден инспекциски надзор во Центарот за социјална работа – Скопје.

Според првичните информации, починатата и сопругот првпат биле евидентирани во ЦСР Скопје во октомври 2025 година, по барање на Основниот граѓански суд за постапување по тужба за развод. На 2 февруари 2026 година до Центарот пристигнал допис од МВР за физички напад извршен на 19 декември 2025 година.

„Министерството веднаш изврши вонреден инспекциски надзор со цел целосно и непристрасно утврдување на фактичката состојба“, стои во соопштението. Според нив, секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора да биде утврдено, а одговорност мора да има.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми