Трагедија: Повредени се транспортираат во странство
16 март 2025
Првите три потешко повредени пациенти од Клиничкиот центар тргнаа со возила опремени за интензивна нега, кон болницата Папаниколау во Солун. Во наредените два часа ќе има транспортирање на повредени во Србија, како и со авио-транспорт кон Софија.
Околу 13 часот околу еден час шест амбулантни возила со шест екипи веќе тргнале од Бугарија кон Република Северна Македонија, потврдиле за БТА од Центарот за итна медицинска помош - Софија. Амбулантните возила биле се засилени со дополнителни боци со кислород.
Бугарија ја понуди својата помош за медицински третман за повредените во пожарот, како што претходно соопшти бугарскиот премиер Росен Жељазков, по информациите дека 59 лица загинаа, а 155 се повредени во пожарот во дискотека во Кочани.
Во комплетна готовност се клиничките бази во Софија, Варна и Пловдив, односно клиниките за изгореници при Универзитетскиот болнички медицински центар „Н. И. Пирогов“,болницата во Варна, и Военомедицинската академија „Св. Ѓорѓи“ во Пловдив, а во готовност е и бугарското воено воздухопловство кое ќе ги превезува оние на кои им е потребно лекување, соопшти бугарското Министерството за одбрана.
Различен степен на изгореници
Министерот за здравство Арбен Таравари потврди дека најтешките 18-20 повредени во трагедијата во Кочани е можно да се лекуваат во странство, а тимот на анестезиолози ќе одлучат каде ќе бидат транспортирани.
Повредените имаат различен стапен на изгореници, кои почнуваат од пет, седум проценти и одат до 60 проценти, а најголем дел од изгорениците се во пределот на главата, вратот и лицето. Други видови повреди се настанати за време на паниката и стампедото како пожарот почнал да го голта објектот.
Се е мобилизирано
Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, поочува дека македонското здравство е целосно мобилизирано.
„Сите болници, сите доктори, сите сестри се на работа, сите и се е мобилизирано! Повредените се згрижени и им се дава потребниот третман во Кочани, Штип и Скопје во Клинички центар, 8 септември и старата градска Св. Наум Охридски. Вклучени се и Аџибадем Систина и Жан Митрев, кои ги ставија на располагање нивните интензивни неги и санитетски возила. Меѓународната солидарност е огромна и за помош се понудија соседите Бугарија, Србија, Грција, како и Турција, Чешка, Холандија, Израел... Најтешките повредени ќе бидат веднаш згрижени во центри за изгореници во Софија, Белград и Солун. Ќе пристигнат тимови од ВМА Белград, од Ниш, од Прага, од центар за изгореници во Холандија...Сите, сите повредени ќе бидат згрижени најдобро што можеме!“, објави тој.
Во меѓувреме стигна информација дека и медицинска помош од Израел патува кон земјава.