1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиски инкубатори, извинете се!

7 декември 2023

Македонија е држава која го спаси ОБСЕ, но ја предаде Вања Ѓорчевска. Дозволивме партиските инкубатори да одгледуваат монструми кои ги шират канџите над општеството и се вгнездуваат во него. Пишува Соња Крамарска

Книга на жалост за Вања ЃорчевскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Речиси и да не остана криминалец во оваа држава што не успеал барем еднаш да се слика со врвен функционер. Ситото е толку пропулзивно што деновиве сведочиме на феномен кој е незамислив за нормални држави: клучни ликови во партиските хиерархии некогаш и денес, осамнуваат на црните листи на САД за корупција. Еден, пак, кој ја имаше цела СДСМ под нозе, и како шеф на скопскиот огранок беше влијателен кадровик за поставување на високи државни функционери, денес од надлежни органи е посочен како извршител на монструозно злосторство кое не се памети ни во најцрните времиња на државите со историја на криминал. 

Зошто е тоа така? Одговорот е едноставен: колку си по склон кон нечесност, неморал, крадење, корупција и криминал, толку се поголеми шансите да бидеш апсорбиран од партиската мрежа. Требаат таму луѓе за сите намени. Но главно за да го држат камшикот и да собираат гласови, да се закануваат, да уценуваат, да вршат подземни работи од кои нашите политички фронтмени божем се скандализираат а во суштина ги поттикнуваат или ги поддржуваат. 

Не сакам да го споменам името на ликот кој деновиве не се симнува од медиумските извештаи овде и во регионот. Неговото споменување и повиците за линч како и етикетите со кои беше опишан од министерот за внатрешни работи, можат само да му користат да прави досие дека нема да добие фер судење во државата, а тоа во демократски земји е сериозен аргумент за добивање на азил. Затоа треба воздржаност додека тој лик не пристигне во државата и биде изведен пред лицето на правдата. 

Злосторството за кое се товари, го квалификува за доживотен затвор, и со него лесно ќе се справиме. Но што станува со личностите кои Америка упорно ни ги посочува како носители на едно друго, навидум помало злосторство, но злосторство кое ја разорува државата и со секој нов ден врши убиство кое не е пропишано во Кривичниот законик? Мислам на убиството на надежта на два милиони граѓани дека имаат иднина во Македонија и дека правниот систем им гарантира дека иднината нема да им ја крадат белосветски измамници и измамнички облечени во најмодерни костими, кои маршираат низ државата и пропагираат политика која само ним им донесе корист? 

Тажната сага за партиските шеми 

Поразително е што луѓето од црната листа на САД овде биле на дијамантски листи за високи раководни функции, кои имале пристап до неограничени финансиски ресурси, и моќ да диригираат со тендери, договори и бизниси во кои се вртат огромни пари. И моќ и влијание. А трагично е што најновиот лик кој слета на таа листа е доскорешен вицепремиер во владата која се обврза на прилично драматичен начин дека ќе раскрсти со криминалот и корупцијата на своите претходници и политички ривали. Да биде срамот уште поголем, цела државна елита, политички и бизнис естаблишмент, сосе сегашниот и идниот премиер, пред само неколку недели ги славеа неговите деловни успеси. Направени врз грбот на граѓаните на оваа земја како што вели амбасадата на САД, и на кои им се продава некаков голем успех што неколкумина „среќници“ ќе земаат следните месеци по 2.000 денари финансиска помош. 

Нема невини во оваа состојба. Сите тие ликови се одгледани во партиските инкубатори на двете односно трите најголеми партии. Од Орце Камчев во СДСМ, а подоцна и во ВМРО-ДПМНЕ, Мијалков и Груевски во ВМРО-ДПМНЕ, до Анѓушев и Рамиз Мерко, како и Љупчо Палевски чија кариера почна во врвот на СДСМ, а заврши на врвот на листата на Интерпол за најбарани злосторници. Но не грижете се. Веќе утре некоја чесна личност во партиските офиси ќе биде турната на страна за да помине и да се устоличи некој нов Палчо или Мијалков на нејзино место. Не е ова крајот на тажната сага за партиските шеми кои потоа се пренесуваат на врвот на политиката и го прават незамислив животот на чесните граѓани во оваа земја. Ако САД продолжат да чепкаат по бизнисите на нашите тајкуни и видливите а особено невидливите кои се имаат обвиткано во политичка наметка, ќе испливаат и други „примерни“ ликови кои само служеле за пример дека крадењето е поисплатливо од некрадењето. 

Политика на бесчестие                          

Најмалку што можат да направат партиите е да им се извинат на граѓаните за оваа мимикрија што ја продаваат како државна политика. Фактите се несоборливи за нивната вмешаност во деценискиот криминал и за бесчестието кое го имаат усовршено до степен со години успешно да го продаваат како грижа за граѓаните и градење на државата. Впрочем да ги погледнеме економските показатели кои често ги објавуваме за висината на платите и стандардот на животот, и станува јасно дека граѓаните на оваа држава се ограбени а нивните некогашни и сегашни политички претставници уживаат во луксуз. Тоа е толку видливо што веќе не се потребни ни бројки за да се аргументира. 

Македонија е држава која го спаси ОБСЕ, но ја предаде Вања. На ист начин како што ја предадоа оние кои ја ставија во средиштето на нивните валкани криминали кои се очигледно причината за крвавиот епилог и изгубениот живот на една сосема недолжна млада девојка. Македонија овозможи партискиот отпадок да не стигне онаму каде што му е местото – на депонија, туку да биде составен дел на нашиот живот. Некогаш криминалците беа во предградието, а сега се во центарот. Дозволивме партиските инкубатори да одгледуваат монструми кои ги шират како орли канџите над општеството и се вгнездуваат таму каде што државата е најранлива. 

Претседателот вели дека во овие траорни моменти не треба да се зборува за тоа дали ќе се кандидира за втор мандат. Но подобро е воопшто да не се кандидира бидејќи со петгодишното присуство на највисоката раководна позиција не успеа ниту за нијанса да го подобри амбиентот во државата кој личи на холивудски трилер. Разочарувачки е што Македонија испорача одличен резултат во ОБСЕ, но дома и понатаму паѓа на испитот на најлесните прашања: чесност, посветеност, правилна кадровска селекција и спуштање на рампа за сомнителни ликови кои се инсталираат во срцето на државниот организам во континуитет предизвикувајќи удари и шокови со фатален исход врз довербата на граѓаните во политиката.  

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми