Судство со различни брзини
23 февруари 2026
Брзањето е лош советник. А кога станува збор за динамиката на закажување на судските рочишта, и двата екстрема (и брзањето со рочиштата и честото одложување и одолговлекување) влијаат врз довербата во судството.
Родителите на загинатите во пожарот од 16-ти март 2025 во нелегалната дискотека „Пулс“, на завчерашниот 37-ми протестен „Марш за ангелите“ го кренаа гласот против бавната динамика на закажување на рочиштата.
Од протестот потсетија дека на почетокот на судскиот процес добиле уверување од судиите и обвинителите дека ќе има две рочишта неделно, дека нема да има неоправдани одложувања и дека лекарските оправдувања за отсуство ќе бидат проверувани.
„Каде се тие ветувања?“, праша пред Основниот суд во Кочани, Александар Наунов, татко на починатата Надица и претседател на здружението „16 Март 2025“, наведувајќи дека гледаат само одложувања и оправдувања.
„Во месец јануари се одржа само едно рочиште. Во февруари досега се одржаа две, а до крајот на месецот е закажано уште едно, ако воопшто се одржи. И токму затоа прашуваме: каде е ветената динамика? Каде е најавеното темпо од две рочишта неделно?“ праша тој.
Формална или строга контрола?
Рочиштето што требаше да се одржи на 19-ти февруари беше одложено, како што соопштија од Кривичниот суд, поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Г. М., кој се наоѓа на болничко лекување во Општата болница во Кочани. Неговата бранителка на претходното рочиште посочи дека тој тешко го следи судењето и треба да му биде укажана медицинска помош. Станува збор за сопственикот на објектот, чиј простор бил издаден на сопственикот на нелегалната дискотека „Пулс“.
Судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со судечкиот совет за овој предмет, пред почетокот на судскиот процес рече дека судот не може да гарантира брзина на водењето на постапката, затоа што секое брзање може да доведе до грешка и до пропаѓање на процесот. Но наведе дека за секое непотребно одлагање ќе следува санкција, а во таа насока - дека сите лекарски уверенија за отсуство ќе бидат строго проверувани.
Семејствата на загинатите не знаат дали се прави таква контрола.
„Гледаме обвинети кои одеднаш, од здрави, стануваат болни и доставуваат медицинска документација за која ние не знаеме дали е основана или не, а тоа кај нас буди сомнеж дека ваквите дејствија се во насока на одолговлекување на постапката", посочи Наунов.
Од Кривичниот суд минатата недела го дадоа овој одговор на тоа прашање.
„Претседателот на судечкиот совет, кој постапува по предметот, изврши телефонски контакти со докторите кои се задолжени за неговото лекување кои го известија дека обвинетиот не е во состојба да присуствува на оваа главна расправа, но уверуваат дека неговата здравствена состојба ќе се подобри и истиот ќе може да продолжи да ја следи главната расправа“, соопшти Кривичниот суд.
Но, семејствата сакаат да знаат дали навистина строго се контролираат лекарските оправдувања, како што беше најавено, и дали тие навистина соодветствуваат со фактичката и здравствената состојба на обвинетиот.
За едни бавно, за други експресно
Брзо или бавно - како тече судскиот процес за трагедијата во Кочани? Според правни експерти неблагодарно е да се даваат такви стриктни оценки, без да се има увид во постапката, во сите факти и околности. Но, посочуваат дека во судската пракса, за жал, имало примери што ја изградиле перцепција за (пре)интензивна динамика, па во споредба со тоа, очекувано е да изгледа други процеси дека се одвиваат прилично бавно. Речиси без исклучок, како спротивен екстрем го посочуваат процесот за „27-ми април“. Тогаш критиките беа во спротивна насока, по две основи: за закажани рочишта безмалку секој ден, но и за должината на нивното траење (некои траеја и повеќе од 12 часа).
И „27-ми април“ исто така беше предмет од голем јавен интерес, како што е овој за трагедијата во Кочани. Семејствата на загинатите се жалат на бавна динамика, а адвокатите на обвинетите за 27-ми април укажуваа дека не им останува време да ја подготват одбраната, бидејќи едно рочиште завршува пред полноќ, друго продолжува следното утро во 10 часот.
Доволно брзо, но и доволно долго
За еден таков случај реагираше Коалицијата „Сите за правично судење", и ја изрази загриженоста за таквата динамика како неефикасна и за одбраната и за обвинителството, а на штета на обвинетите. Во однос на трањето, рекордот беше постигнат на рочиште кое заврши 5 минути пред полноќ (септември 2018), по 13-часа.
За динамиката говори и податокот дека за четири месеци беа насрочени дури 55 рочишта. Судијката Добрила Кацарска тогаш образложи дека се водела по праксата на Европскиот суд за човекови слободи и права, кој најмногу обрнува внимание на тоа дали судењата се во разумен рок.
Од Коалицијата „Сите за правично судење“ посочија дека начелото на судење во разумен рок не подразбира судењата само да се одвиваат со голем интензитет и брзина на постапката, туку предвидува разумно време кое би било доволно брзо, но и доволно долго со цел да се се овозможи соодветна подготовка на сите учесници во постапката.