Смртта на мајката и детето отвори болни прашања
3 март 2026
Трагедијата во скопската населба Тафталиџе, во која животот го загубија мајка и нејзината ќерка по пад од балкон, предизвика лавина реакции во јавноста. Се бара лоцирање на одговорноста и одговори од институциите - кој се има потфрлено и во овој трагичен настан.
„Сите имаме потфрлено во овој случај. За три месеци има четири жртви во земјата. Ова мора итно да го вклучи алармот кај институциите. Со пропустите, неизрекувањето на адекватни мерки и непрепознавањето на ризикот, насилниците живеат во комотна атмосфера — чувствуваат дека системот е на нивна страна и стануваат се поохрабрени“, вели за ДВ адвокатката Катерина Котеска-Стисниовска, која постапува во случаи со семејно насилство.
Детали за трагедијата и почетокот на истрагата
Мајката и детето во понеделникот (2 март) беа пронајдени мртви во населбата Тафталиџе. Телата биле лоцирани кај станбен комплекс помеѓу улицата „Прашка“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.
Пријавата во Министерството за внатрешни работи (МВР) пристигнала во 14:15 часот. Случајот првично бил пријавен како самоубиство. Од Обвинителството информираа дека едно лице е задржано во полициска станица и се истражува евентуална кривична одговорност. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, починатата и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна.
Според објавите на роднини на починатите, трагедијата се случила по повеќе години пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство и закани.
„Насилниците знаат дека никој нема да реагира“
Котеска-Стисниовска додава дека, доколку истрагата утврди дека жената била малтретирана од сопругот и институциите не ѝ обезбедиле помош, одговорност мора да има. Правниците предупредуваат дека бројот на случаи на семејно насилство расте затоа што во многу ситуации „сите знаат“ за насилството, но никој не реагира.
Адвокатката потсетува дека неодамна објавениот ревизорски извештај ги покажал црните статистики: институциите често не постапуваат во случаи на семејно насилство, а нивните пропусти го зголемуваат бројот на жртви.
Најчести слабости:
- пријавите се заведуваат како „поплаки“, наместо како пријави за семејно насилство;
- институциите избегнуваат да преземат дополнителна работа;
- се практикува „помирување“ меѓу жртва и насилник, спротивно на Истанбулската конвенција;
- нема умешност во проценката на ризикот;
- мерките што се изрекуваат остануваат „мртво слово на хартија“ и не се следат.
Граѓаните имаат законска должност да пријават насилство
Според нашата соговорничка, „секој граѓанин има должност да пријави семејно насилство, исто како што има должност да пријави кражба или убиство“. „Треба широка едукација – кога ќе се забележи насилство, мора да се реагира“, вели таа.
Правниците укажуваат дека постојат критични системски слабости коишто треба да се надминат. „Нема контрола над движењето на насилниците, ретко се проверува дали ја вознемируваат жртвата, речиси никогаш не се изрекува мерката за отстранување на насилникот од домот и нема ефикасни програми за рехабилитација на сторителите.
„Токму мерката отстранување од домот треба да ја прекине комотната средина на насилникот. Но, речиси воопшто не се користи“, вели адвокатката.
Недостиг од национална стратегија
Статистиките се алармантни: во 2025 година имало шест жртви, додека годинава, до март 2026, веќе има четири жртви.
„Ова мора да го вклучи алармот кај институциите. Со пропустите и непрепознавањето на ризикот, насилниците чувствуваат дека системот е на нивна страна — затоа имаме сè повеќе повратници“, вели Котеска-Стисниовска. Таа укажува дека од 2023 година државата нема национална стратегија за борба против семејното насилство, што е сериозен проблем.
Постојат и сериозни институционални празнини во справувањето со насилниците и нивната рехабилитација. Без реформи, правниците предупредуваат дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.