1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиИталија

Трагичен биланс на невремето на италијанскиот остров Искија

ЖА / агенции
28 ноември 2022

Властите на италијанскиот остров Искија го продолжуваат расчистувањето по катастрофалното невреме кое однесе најмалку седум жртви.

Катастрофално невреме на островот Искија во Италија
Катастрофално невреме на островот Искија во ИталијаФотографија: Ansa/AFP/Getty Images

Обилниот дожд и силниот ветар во саботата предизвикаа огромни штети во северниот дел од островот Искија. Низ улиците течеа реки кал и камења, оштетувајќи според официјалните информации најмалку 30 згради. Од копното на островот во заливот кај Неапол биле испратени бројни спасувачки екипи и тешка механизација заради поддршка во потрагата по настрадани и расчистување на урнатините.

Надојдената вода поради невремето на островот Искија во Италија носела автомобили со себе - дел завршиле во моретоФотографија: Ciro Fusco/ZUMA Press/IMAGO

Посебно погодени се местата Касамикола и Лако Амено. Вчера вечерта (27.11.2022) надлежната префектура во Неапол го соопшти тажниот биланс од седум мртви, меѓу кои се и едно бебе старо само 22 дена, шестодишно девојче и единаесетгодишно момче.

Спасувачките екипи освен тоа пронашле тело и на 64- годишна Бугарка, на една жителка на регионот и нејзиниот маж (32) и една 30-годишна жена од Лако Амено.

Пет лица ноќеска се водеа за исчезнати, по нив продолжи потрагата. Поради невремето близу 230 лица од нивните домови се пренесени во хотели и други сместувалишта во околината.

Лизгање на земјиштето поради катастрофално невреме на островот Искија во ИталијаФотографија: Ciro de Luca/REUTERS

Невремето  во саботата предизвика енормно пустошење, надојдените водени маси носеле автобуси и автомобили со себе, некои од нив се останати на покривите, е дел завршиле во морето.

Некои од жителите останале заробени во своите куќи, без електрична струја.

Поради континуираниот дожд на викендот, на спасувачките тимови им бил отежнат пристапот до нив. Армијата испрати хеликоптери со чија помош се спасени неколку лица. Во акција биле вкупно речиси 400 пожарникари и полицајци.

Во меѓувреме се` погласни се критиките за недоволна заштита на островот со околу 60.000 жители. Ризикот од лизгање на земјиште при невреме на населените ридови на островот, како и во други делови од Италија, бил познат, но властите со години не презеле никакви инвестиции заради заштита.

Владата на италијанската премиерка Џорџ Мелони вчера во Рим одржа вонредна седница поради катастрофалното невреме на Искија, воведувајќи едногодишна вонредна состојба на островот поради природна непогода. Назначена е и специјална комесарка која ќе се грижи за обновата, за чија цел Рим стави на располагање два милиони евра. Искија е  омилена туристичка цел  кај Италијанците и странците. И германската поранешна канцеларка Ангела Меркел често го поминуваше својот одмор на овој италијански остров кај Неапол.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми