Трамп бара отпуштање на менаџерката на Мајкрософт
27 септември 2025
Американскиот претседателот Доналд Трамп побара софтверскиот концерн Мајкрософт да ја отпушти својата шефица за глобални прашања, Лиза Монако: „Таа е закана за националната безбедност на САД“. Нејзиниот пристап до високо чувствителни информации во владини договори е неприфатлив и не може да се толерира, тврди Трамп.
Монако беше советник за национална безбедност во администрацијата на поранешниот демократски претседател Барак Обама и заменик-министер за правда под водство на поранешниот демократски претседател Џо Бајден, а за Мајкрософт работи од јули.
Трамп го истакнува токму тоа, дека Монако била дел од администрацијата на Бајден кога против него била покрената кривична постапка. Против него беа покренати неколку истраги откако ја напушти Белата куќа во 2021 година.
Со ова, претседателот на САД, Доналд Трамп, ја продолжува својата одмаздничка кампања против неговите политички противници. Министерството за правда на САД во четвртокот поднесе обвиненија против поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми.
Коми, кој го водеше ФБИ кога започна истрага за врските меѓу кампањата на Трамп во 2016 година и руската влада, е обвинет за лажно сведочење и опструкција на конгресната истрага.
Доколку биде осуден, Коми се соочува со затворска казна до пет години. Трамп во петокот изјави дека очекува повеќе обвиненија против лица што ги смета за непријатели. На новинарите им изјави дека мисли дека ќе следат уште, но додаде дека нема список.
По враќањето на функцијата во јануари, Трамп ја искористи својата претседателска моќ за да ги попречи адвокатските фирми што ги застапуваат каузите на кои тој се спротивставува. Тој користеше и федерални средства за да изврши притисок врз универзитетите за промени и ги отпушти обвинителите вклучени во истрагите против него. Трамп вршеше притисок за подигнување на обвиненија против поранешниот советник за национална безбедност, Џон Болтон, главната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс и демократскиот сенатор Адам Шиф.