Трамп: Крај на војната и без отворање на Ормускиот Теснец
31 март 2026
Според извештај на „Вол стрит џурнал“, американскиот претседател Доналд Трамп не планира да употреби воена сила за повторно да ја отвори стратешката Меѓународна поморска рута – Ормускиот Теснец – кој Иран во голема мера го блокира. Како што пренесува весникот, Трамп е подготвен да го заврши воениот конфликт дури и доколку оваа клучна точка за глобалната трговија со нафта и гас остане затворена.
Трамп и советниците: Воената акција би ја продолжила војната
Според изворите на весникот, Трамп и неговите најблиски советници во последните денови процениле дека евентуална воена операција за присилно отворање на теснецот би го пролонгирала конфликтот и би носела значителни ризици. Затоа, наместо фокус на отворањето на теснецот по секоја цена, Трамп сака да ги насочи напорите кон неутрализирање на иранската морнарица и ракетниот арсенал.
Весникот пишува дека стратегијата на американскиот претседател предвидува Иран да биде ставен под засилен дипломатски притисок за повторно да ја отвори поморската рута. Доколку дипломатските напори пропаднат, Трамп очекува сојузниците на САД во Европа и во Заливот да „преземат водство“ и да ја предводат иницијативата за повторно отворање на теснецот.
Иран: Најава за нови такси и забрани за поморски сообраќај
Паралелно со американските проценки, во Иран парламентарен комитет одобри предлог за воведување на такси за сите бродови што ќе сакаат да минат низ Ормускиот Теснец. Државната телевизија, повикувајќи се на член на безбедносната комисија, информираше дека законскиот предлог предвидува „финансиски регулативи и систем за наплата“ како и координација со Оман, кој се наоѓа на спротивната страна од теснецот.
Предлог-законот, како што пренесуваат иранските медиуми, вклучува и „забрана за поминување на бродови на САД и на ционистичкиот режим“, терминот што Техеран традиционално го користи за Израел. Дополнително, би се забранил и транзитот на бродови од држави што вовеле санкции против Иран.
Клучната светска енергетска артерија практично запрена
Под нормални услови, преку Ормускиот Теснец се транспортира околу една петтина од светската количина сурова нафта и течен природен гас. Откако започна конфликтот, сообраќајот низ оваа стратешка точка е речиси целосно запрен, што предизвикува сериозни нарушувања и турбуленции на глобалните енергетски пазари.