Трамп ги обвинува Кина и Русија за тајни нуклеарни тестови
3 ноември 2025
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги обвини Русија и Кина за тестирање на нуклеарно оружје: „Русија врши тестови, Кина врши тестови, но тие не зборуваат за тоа“, рече Трамп во интервју емитувано во неделата на Си-Би-Ес. „Не се знае точно каде тестираат. Тие тестираат многу под земја, а луѓето навистина не знаат што се случува во врска со тестовите“, додаде Трамп. Тој, тврди дека тестови се вршат и во Северна Кореја и Пакистан.
Трамп го формулира обвинувањето како оправдување за најавените американски тестови. „Не сакам да бидеме единствената земја што не врши тестови“, нагласи тој.
Во средата, Трамп за прв пат јавно зборуваше за американските тестови на нуклеарно оружје, што предизвика значителна меѓународна загриженост и конфузија, бидејќи Трамп сè уште не дал детали за своите планови. Експертите беа збунети околу тоа како точно би можеле да изгледаат тестовите.
На американската телевизија, министерот за енергетика Крис Рајт се осврна на ова прашање. „Тестовите за кои дискутираме се системски тестови. Ова не се нуклеарни експлозии“, изјави Рајт за Фокс њуз. Тој објасни дека ќе се тестираат нови системи за оружје, испитувајќи ги сите други компоненти на нуклеарно оружје.
Нуклеарните експлозии ќе се симулираат врз основа на постојните истражувачки податоци. Рајт објасни дека САД можат да се потпрат на податоци од нуклеарни експлозии за време на тестовите во 1960-тите, 1970-тите и 1980-тите. „Со нашата наука и компјутерска моќ, можеме неверојатно прецизно да симулираме што ќе се случи при нуклеарна експлозија“, изјави Рајт. „Сега ги симулираме условите што доведоа до таква експлозија и како промената во дизајнот на бомбите би влијаела на неа“.
Во САД, Министерството за енергетика е одговорно за тестирање на нуклеарно оружје. Министерот Рајт има намера да ја забрза модернизацијата на арсеналот: „Многу од нашите оружја се многу стари“. Од суштинско значење е арсеналот да се одржува модерен и ажуриран за да се остане светски лидер, ова е единствениот начин да се гарантира мир во странство и просперитет дома, истакна министерот.
Последниот тест на американско оружје со нуклеарни боеви глави се одржа во 1992 година во американската држава Невада, по што тогашниот американски претседател Џорџ Х.В. Буш воведе мораториум, кој го усвоија сите последователни американски администрации. Под водство на демократскиот претседател Бил Клинтон, САД го потпишаа и Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови (ЦTБT) во 1996 година, кој ги забранува сите експлозивни тестови на меѓународно ниво.
Меѓутоа, САД, како и Кина, не го ратификуваа договорот и затоа тој никогаш не стапи во сила. Русија ја повлече својата ратификација во 2023 година под водство на претседателот Владимир Путин - потег што беше остро критикуван од САД.