Трамп ги прекина трговските разговори со Канада
24 октомври 2025
Трговските разговори меѓу САД и Канада ќе бидат веднаш прекинати, најави американскиот претседател Доналд Трамп. Тој на својата онлајн платформа Truth Social ја обвини Канада дека погрешно го цитирала поранешниот претседател Роналд Реган во рекламна кампања против царините. „Поради нивното скандалозно однесување, сите трговски разговори со Канада се прекинуваат“, напиша Трамп.
Во контроверзната реклама, републиканецот Реган ги критикува царините за странски стоки и предупредува дека тие водат до губење на работни места и трговски војни.
Критика од фондацијата „Роналд Реган“
Вчеравечер (23.10), американската организација „Претседателската фондација и институт Роналд Реган“ на платформата X објави дека промотивното видео од владата на канадската покраина Онтарио погрешно го претставило говорот на поранешниот претседател Реган од 25 април 1987 година. Освен тоа, Онтарио не добил дозвола од фондацијата „да ги користи или обработува изјавите“. Фондацијата изјави дека разгледува можност за преземање правни чекори во врска со ова прашање.
Трамп во својата објава на Truth Social го напиша и следново: „Царините се многу важни за националната безбедност и економијата на Соединетите Американски Држави“. Тој, исто така, сугерира дека Канада сака да влијае врз судиите во Соединетите Американски Држави кои се занимаваат со царини. Трамп се осврна на највисокиот суд во Соединетите Американски Држави. Врховниот суд моментално ја разгледува царинската политика на Трамп на барање на американската влада. Американскиот претседател се надева на поддршка од судиите откако пред извесно време претрпе пораз во апелацискиот суд.
Трамп годинава веќе воведе царини за канадски челик, алуминиум и автомобили, што ја поттикна владата во Отава да возврати. Двете страни со недели преговараат за потенцијален договор за индустријата за челик и алуминиум. Во текот на наредната година претстои преиспитување на Северноамериканскиот договор за слободна трговија од 2020 година меѓу САД, Канада и Мексико.
Карни беше во Белата куќа пред само две недели
Пред само две и пол недели, Трамп го прими канадскиот премиер Марк Карни во Белата куќа. Таму, републиканецот му упати пријателски зборови на Карни. Како што беше речено, намерата е да се постигнат договори што би биле добри за двете земји. Беше оценето дека е постигнат напредок во последните месеци. Трамп нагласи дека, како соседни земји, се натпреваруваат во индустрии како што се автомобилите и челикот. Администрацијата на Трамп, исто така, сака да ја искористи својата царинска политика за да ги охрабри производствелите да се лоцираат во САД.
Царините на Трамп особено го погодија автомобилскиот сектор на Канада, од кој голем дел се наоѓа во Онтарио. Овој месец, производителот на автомобили Стелантис објави дека ќе премести производствена линија од Онтарио во американската сојузна држава Илиноис.
Најавата на Трамп дека сега ги прекинува сите разговори би можела дополнително да го ескалира повеќемесечниот трговски конфликт меѓу двете соседни земји. Кабинетот на Карни не одговори веднаш на барањето за коментар на потегот на Трамп, објави новинската агенција Асошиетед прес.
Традиционално пријателските односи меѓу Канада и САД се влошија откако Трамп ја презеде функцијата во јануари годинава. Американскиот претседател води агресивна царинска политика кон својот северен сосед. Тој, исто така, повеќепати побара Канада да стане 51-ва држава на САД.