Нови разговори САД-Украина по средбата со Путин
4 декември 2025
По враќањето од Москва, американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, според информации од кругови на американската влада, денеска (4.12) во сојузната држава Флорида ќе се сретне со украинскиот главен преговарач Рустем Умеров. На средбата треба да присуствува и Џеред Кушнер, зетот и советник на претседателот Доналд Трамп, јавува агенцијата АФП повикувајќи се на неименуван владин претставник.
Виткоф и Кушнер во вторникот (2.12) во Москва се сретнаа со шефот на Кремљ, Владимир Путин, за да разговараат за завршување на војната во Украина. Разговорот, кој траел неколку часа, не донесе пробив.
Трамп тврди дека Путин „сака крај на војната“ по долгите разговори во Москва
Сепак, американскиот претседател Трамп му припиша на Путин волја за мировно решение во Украина. „Тој сака да ја заврши војната“, изјави Трамп во средата во Вашингтон.
Американскиот претседател зборуваше за „многу добра средба“ меѓу Кушнер, Виткоф и Путин во Москва.
Кремљ останува непопустлив за териториите
Од Кремљ претходно беше соопштено дека за централните територијални прашања „сè уште не е најдено компромисно решение“. Русија, сепак, се покажала подготвена за понатамошни рунди разговори со американската влада.
Една од клучните теми на средбата во Кремљ беше иднината на украинските територии окупирани од Русија, кои сочинуваат околу 19 проценти од територијата на Украина.
Основата на разговорот во вторникот во Кремљ беше планот за Украина предложен од Трамп. Првичниот нацрт на планот, на инсистирање на Украина и нејзините европски сојузници, беше изменет во клучни точки.
Умеров и други украински претставници во неделата веќе имаа една средба во Флорида со Виткоф, Кушнер и американскиот државен секретар Марко Рубио за да ги разгледаат американските предлози.