Трамп го моли Путин за прекин на огнот врз Киев, Кремљ молчи
30 јануари 2026
Претседателот на САД, Доналд Трамп го повикал рускиот државен шеф Владимир Путин да ги запре нападите врз регионот на украинската престолнина Киев за една недела за време на тековниот студен бран.
„Лично го замолив претседателот Путин да не го напаѓа Киев и градовите и населените места една недела за време на овој исклучителен студен бран“, изјавил Трамп за време на седница на кабинетот во Белата куќа. „И тој се согласи, и морам да ви кажам, тоа беше многу љубезно“, додал Трамп. Потврда од Москва засега нема.
Трамп не навел кога се одржал разговорот со Путин. Од неговите изјави не е јасно ниту кога би можел да започне наводниот прекин на нападите.
Русија во последните недели засилено ја бомбардираше украинската енергетска мрежа;поради нападите илјадници домаќинства постојано остануваа без струја и греење при ледени температури. Локалните власти интензивно работат на повторно воспоставување на снабдувањето со топлина и електрична енергија. За наредните денови украинската метеоролошка служба предупредува на екстремен мраз со ноќни температури до минус 30 степени.
Според најновите податоци од властите, во четвртокот при руски напади врз цели во центарот и југот на Украина биле убиени шест лица.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на Трамп и напиша на платформата Х дека ова е важна изјава од Трамп во однос на „можноста за безбедност во Киев и другите украински градови за време на овој екстремен зимски период, зашто снабдувањето со електрична енергија е основа за живот".
Зеленски додаде дека тоа било разгледувано на последните преговори со руски и американски претставници во Обединетите Арапски Емирати. „Претпоставуваме дека договорите ќе бидат спроведени.“ Ниту тој не наведе кога би можел да започне евентуален прекин на огнот.
Пред изјавите на Трамп веќе се појавија зголемени шпекулации за примирје. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, неколку часа пред изјавите на Трамп рече дека не сака да ги коментира извештаите за скоро постигнување договор за воздржување од напади врз енергетски објекти. Последната воздушна тревога во Киев била активирана во ноќта кон средата. Во ноќта кон четвртокот, дроновите веќе пролетале покрај украинската престолнина, но погодиле други делови од земјата.
Руските воени блогери реагираа со огорченост. Постоеле информации дека на руските вооружени сили веќе од утрото им било забрането да изведуваат удари врз Киев и околината, како и врз сите инфраструктурни објекти, напиша воениот блогер Романов Лајт.
Блогот Ribar, близок до руското министерство за одбрана, шпекулираше дека можниот прекин на огнот би можел да биде поврзан со претстојната рунда преговори во Абу Даби, каде Русите и Украинците со посредство на САД треба да разговараат за завршување на војната што трае веќе четири години.