Трамп и Иран: Курс „без јасна политичка стратегија“
24 март 2026
Во ноќта меѓу сабота и недела, американскиот претседател Доналд Трамп му се закани на Иран дека ќе ги уништи електраните доколку земјата не го деблокира Ормускиот Теснец во рок од 48 часа. Но, во понеделник наутро по американско време уследи целосен пресврт. Нема да има напади врз иранските енергетски постројки – барем засега, соопшти прво преку Трут соушал, а потоа и лично.
Како причина за промена на курсот, Трамп посочи „добри разговори“ со Техеран.
„Водевме многу, многу интензивни разговори,“ изјави тој. „Ќе видиме каде ќе нè однесат. Постигнавме значајни усогласувања – би рекол, речиси во сите точки.“
„Автоматски смена на режим“
Според Трамп, разговорите – како и речиси секогаш – ги воделе специјалниот пратеник Стив Виткоф и неговиот зет Џеред Кушнер. Тој тврди дека во рок од пет дена може да се најде решение или барем пат до прекин на огнот.
Претседателот изјави и дека Иран никогаш повеќе нема да поседува нуклеарно оружје. Дополнително, тој тврдеше дека „сите од режимот се елиминирани“, што, според него, „автоматски значи промена на режимот“.
Дилема: дали воопшто имало тајни разговори?
Меѓутоа, не е јасно дали воопшто се воделе тајни преговори – и со кого.
Иран жестоко ги негира тврдењата. Други извори наведуваат дека Египет, Пакистан и Турција разменувале пораки меѓу САД и Иран. Според некои информации, улогата на посредник ја имал и Оман.
Во процесот се вклучил и потпретседателот Џеј Ди Венс, кој од самиот почеток бил скептичен кон напад врз Иран и активно се залагал за дипломатска стратегија.
Сите овие контрадикторни информации, заедно со 48-часовниот ултиматум што подоцна беше повлечен, укажуваат на целосен политички хаос. Според политологот Тод Белт од Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, ова демонстрира дека Трамп нема јасна политичка стратегија:
„Да имаше стратегија, немаше да бидат заглавени 3.000 бродови во Персискиот Залив.“
Растечко незадоволство во движењето МАГА
Сите овие пресврти отворија прашања во американската јавност за тоа зошто воопшто започна војната. Дури и во таборот на МАГА расте критиката.
Трамп уште на почетокот на мандатот вети дека нема да започнува нови војни и дека ќе се фокусира на внатрешните прашања, особено на инфлацијата.
„А колку подолго трае ова, толку повисока ќе биде цената за американските граѓани,“ предупредува политологот Белт. „Во сметките за енергија, во супермаркетите и преку нови инфлаторни притисоци – токму проблемите што Трамп вети дека ќе ги реши.“
Трамп првично предвиде дека војната ќе трае четири до пет недели. Реално, конфликтот трае веќе три и пол недели, а пораките за можната должина се менуваат од „речиси готово“ до „доколку треба, засекогаш“.
Автор: Ане Шнајдер, АРД