Според Трамп, Алекс Прети не бил атентатор
28 јануари 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп им противречи на изјавите на водечки владини претставници за болничарот Алекс Прети, кој беше убиен за време на викендот во Минеаполис. На прашањето дали Прети, кој бил застрелан од федерални агенти за време на интервенција, бил атентатор, Трамп одговори со „Не“. Смртта на Прети, рече тој, била „едноставно многу несреќен инцидент“ кој мора да се истражи.
Заменик-шефот на кабинетот на Трамп, Стивен Милер, напиша на интернет дека Прети бил атентатор кој „се обидел да убие федерални агенти“. Потпретседателот Џеј Ди Венс ја сподели објавата на интернет платформата за кратки вести Х. Министерката за внатрешна безбедност на САД, Кристи Ноем на прес конференција се изрази слично.
Прети во саботата бил убиен со неколку истрели од федерални агенти за време на акција на припадници на службата за имиграција ИЦЕ во Минеаполис.
Американските власти тврдат дека Прети им се приближил на службениците со оружје, а пукањето врз него било во самоодбрана. Но, снимки од мобилни телефони на очевидци даваат поинаква слика. Прети непосредно пред смртоносните истрели се гледа со мобилен телефон во рака, а на ниту една од снимките не се забележува оружје.
Извештајот од прелиминарната истрага, исто така, се чини дека е во спротивност со раното тврдење на владата на САД дека пукањето било чин на самоодбрана: Според извештаите на американските медиуми, во извештајот, кој Царинската и гранична заштита го испратила по е-пошта до членовите на Конгресот на САД, не се споменува дека Прети посегнал по оружјето. Извештајот, меѓу другото, се базира на анализа на снимки од камери кои ги носат на своите тела службеници за спроведување на законот. Според медиуми како што е „Њујорк тајмс“, во извештајот, исто така, се наведува дека двајца службеници на граничната патрола пукале во Прети.
Доналд Трамп сега изјави дека смртта на Прети е „многу тажна“. Сепак, демонстрантите не смеат да носат оружје. „Сакам да ја видам истрагата. Ќе ја следам, и сакам многу чесна и искрена истрага“, рече претседателот.
Трамп одби да ја отпушти Ноем. Демократите во Конгресот побараа оставка од министерката, која изјави дека Прети мавтал со оружје.