Трамп ја отповикува Агелер и уште 29 амбасадори ширум светот
22 декември 2025
Администрацијата на Доналд Трамп започна голема дипломатска промена– речиси 30 кариерни амбасадори се отповикани од своите позиции ширум светот, а на листата е и амбасадорката во Македонија, Анџела Агелер. Потегот има за цел да ја зајакне агендата „Америка на прво место“ и да постави кадар кој целосно ги поддржува приоритетите на претседателот.
„Длабоко сме и благодарни на амбасадорката Агелер за нејзината служба во Северна Македонија во изминатите три години и посветени сме на обезбедување непречена и ефективна транзиција што ќе им даде приоритет на мисијата на САД и нашите дипломатски односи“, потврдуваат од Амбасадата на САД за МИА.
Амбасадата нагласува дека ќе продолжи да работи нормално во текот на овој процес.
Кои земји се засегнати од отповикувањето?
Како што пренесуваат светските медиуми, повикувајќи се на официјални лица од Стејт департментот, шефовите на мисии во најмалку 29 земји добиле известување дека нивните мандати завршуваат во јануари. Сите тие ги презеле функциите за време на администрацијата на Бајден, но ги преживеале првичните промени на почетокот на вториот мандат на Трамп.
Во Европа се засегнати Ерменија, Македонија,Црна Гора и Словачка, а по две земји во Блискиот Исток (Алжир и Египет) и Јужна Азија (Непал и Шри Ланка). Во западната хемисфера се засегнати Гватемала и Суринам.
Африка е најпогодениот континент, со амбасадори од 13 земји: Бурунди, Камерун, Кабо Верде, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Мадагаскар, Маурициус, Нигер, Нигерија, Руанда, Сенегал, Сомалија и Уганда.
Во Азија-Пацифик следуваат промени во шест земји: Фиџи, Лаос, Маршалски Острови, Папуа Нова Гвинеја, Филипини и Виетнам.
Зошто администрацијата на Трамп го прави овој потег?
Стејт департментот го нарече потегот „стандардна процедура во секоја администрација“. Во изјавата се нагласува:
„Амбасадорот е личен претставник на претседателот и претседателот има право да обезбеди лица кои ќе ја промовираат агендата Америка на прво место.“
Иако е вообичаено новите претседатели да ги заменуваат политичките назначени амбасадори, кариерните дипломати обично продолжуваат да служат. Овој потег е необичен бидејќи се однесува на амбасадори од кариерната дипломатска служба.
Реакции и последици за американската дипломатија
Политико прв го објави извештајот за повлекувањето на амбасадорите, што предизвика загриженост кај некои законодавци и синдикатот на американските дипломати.
Џон Динкелман, претседател на Американската асоцијација за надворешна служба, изјави: „Ова продолжува да ја поткопува довербата во способноста на професионалната дипломатска служба ефикасно да ги спроведува политиките на избраното раководство на нашата земја“.
Некои сенатори предупредуваат дека ваквите промени можат да ја ослабат позицијата на САД на глобално ниво, особено во конкуренција со Кина и Русија.
Амбасадорите не ги губат своите работни места, туку ќе се вратат во Вашингтон на нови задачи. Сепак, администрацијата на Трамп сè уште има околу 80 празни амбасадорски позиции, а некои номинации заглавија во Сенатот.