1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

27-годишната Керолајн Левит ќе биде портпарол на Белата куќа

Тагесшау | ЕМФ
16 ноември 2024

Керолајн Левит е паметна, жилава и ефективна, вели Доналд Трамп, номинирајќи ја 27-годишната девојка за портпаролка на Белата куќа.

Керолајн Левит
Керолајн Левит е номинирана за портпаролка на Белата куќаФотографија: Jabin Botsford/Getty Images/AFP

Идниот американски претседател Доналд Трамп ја номинираше Керолајн Левит за портпаролка на Белата куќа. „Имам целосна доверба дека таа ќе заврши одлична работа на говорницата и ќе ја пренесе нашата порака 'Да ја направиме Америка повторно голема' до американскиот народ“, соопшти Трамп во писмена изјава. Левит, според Трамп, е паметна, жилава и се покажала како исклучително ефективна комуникаторка.

Керолајн Левит, родена во Њу Хемпшир, беше заменик-портпаролка во втората половина од првиот мандат на Трамп од 2017 до 2021 година. Таа се приклучи на кампањата на Трамп во 2024 година и беше главен портпарол на преодниот тим.

Најмладата личност на оваа позиција

27-годишната Левит е позната по својата страсна одбрана на Трамп во интервјуата и бескомпромисниот стил, велат советниците на Трамп. Левит ќе стане најмладата личност во историјата на САД што ќе ја преземе функцијата портпарол на Белата куќа. Најмладиот портпарол досега беше Рон Циглер, назначен од претседателот Ричард Никсон во 1969 година на 29-годишна возраст.

Оние кои официјално зборуваат во име на Белата куќа обично се многу присутни во јавноста како лица на владата и секојдневно даваат прес-конференции во владината централа. Меѓутоа, работите беа поинакви во првиот мандат на Трамп. Во Белата куќа на моменти воопшто немаше брифинзи за печатот. Портпаролката во тоа време, Стефани Гришам, ја напушти функцијата по неколку месеци без да направи ниту еден брифинг за новинарите.

Наместо тоа, Трамп честопати самиот држеше долги прес-конференции и одговараше на прашања од новинарите. Во исто време, тој тогаш, како и сега, ги оцрни медиумите како „непријатели на народот“. Во првите четири години на функцијата, Трамп имаше вкупно четворица портпароли: Шон Спајсер, Сара Хакаби Сандерс, Стефани Гришам и Кејли МекЕнани.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми