1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп ja прогласи за непријател: Што е Антифа?

Томас Лачан
23 септември 2025

Американскиот претседател Доналд Трамп го прогласи движењето Антифа за терористичка организација. Проблемот е што тоа воопшто не е организација - и не е јасно кого би можеле да засегнат најавените истраги.

Маж со темно палто и црвена вратоврска (американскиот претседател Доналд Трамп) гледа сериозно пред себе
Американскиот претседател Доналд Трамп на нишан ја има АнтифаФотографија: Getty Images/W. McNamee

Атентатот врз десничарскиот политички активист Чарли Кирк и натаму предизвикува бранувања во САД. Откако Кирк беше застрелан на кампусот на Универзитетот во Охајо, Доналд Трамп и неговите следбеници сè повеќе создаваат расположение против „радикалната левица“, за која веруваат дека е одговорна за неговата смрт.

Американскиот претседател сега официјално го означи движењето Антифа како терористичка организација. Според Белата куќа, Трамп потпишал соодветен декрет. Во него Антифа се опишува како „милитаристичка, анархистичка“ организација која повикува на соборување на американската влада, органите за кривичен прогон и американскиот правен систем со насилни средства. Според тоа, таа е „домашна терористичка организација“. Ќе се спроведуваат истраги против Антифа и нејзините организациски и финансиски поддржувачи.

Лабаво збиралиште

Зборот Антифа е кратенка од „Антифашистичка акција“. Тоа не е централно организирано здружение, туку лабаво движење на групи и поединци посветени на спротивставување на фашизмот, расизмот, антисемитизмот, етничкиот национализам, десничарски насочениот историски ревизионизам и други форми на десничарски идеологии.

Антифа се наоѓа на левиот до крајно левичарскиот политички спектар и е активна низ целиот свет - особено во Европа и Северна Америка. Нејзините корени лежат во Германија во 1920-тите и 1930-тите, кога, за време на политички турбулентните времиња на Вајмарската Република, левичарските активисти и групи се спротивставија на сè помоќниот националсоцијализам. Антифа беше прогласена во 1932 година од страна на Комунистичката партија на Германија (КПД) - не како организација, туку како колективно движење против Националсоцијалистичката партија (НСДАП). Антифа-групи се појавија и во други земји, на пример во Италија против фашистичкото владеење на Бенито Мусолини, или во Шпанија како реакција на диктатурата на Франко.

Берлин, 1928: Членови на комунистичката „Лига на борци од Црвениот фронт“, организацијата за улични борби на КПД, се подготвуваат за протестен марш против националсоцијалиститеФотографија: akg-images/picture-alliance

Од антикапиталистичка до граѓанско-либерална

До ден-денес, Антифа останува повеќе лабаво збиралиште на разни мали групи од левиот до екстремно левичарскиот спектар. Првично, „антифашизмот“ беше комунистички борбен повик кој го доведуваше во прашање и капитализмот - соодветно на тоа, логото на движењето Антифа прикажува две знамиња насочени лево: црвено кое го претставува социјализмот/комунизмот и црно кое го симболизира анархизмот.

Сепак, поимот антифашизам еволуираше со текот на времето. Денес, постои и „граѓанско-либерален антифашизам“ кој се залага за зачувување на демократијата и владеењето на правото, кои ги смета за загрозени од десничарскиот екстремизам.

Ненасилен или милитантен?

Исто колку поимот „антифашизам“ е широко и движењето „Антифа“. Бројни групи што се идентификуваат со него заземаат ненасилен став против десничарскиот екстремизам и авторитаризмот - на пример, тие истражуваат и објавуваат информации за десничарските мрежи, организираат протести и демонстрации или отстрануваат десничарска пропаганда.

Но, во исто време, постојат и милитантни групи што толерираат употреба на насилство за да ги постигнат своите цели или дури и самите користат насилство - во различни форми. Тие себеси се нарекуваат „автономни“, „милитантни“ или „независни“ групи на Антифа, со што свесно се дистанцираат од „граѓанскиот“ или „државно конформистичкиот“ антифашизам.

Демонстрант со знаме на Антифа во Портланд, Орегон, протестира против десничарска националистичка парада со автомобили, март 2021 годинаФотографија: Nathan Howard/Getty Images

Антифа, според тоа, се однесува на збиралиште од мали, разновидни здруженија без фиксна организациска структура. Дали и до кој степен употребата на насилство се смета за легитимно средство во борбата против десничарскиот екстремизам е тема на постојана, широка дебата во рамките на сцената - факт што на движењето постојано му носи многу јавни критики.

Антифа во САД

Антифа групи постојат во многу земји во (западниот) свет - вклучувајќи ги и САД. Но, и таму нема централна организација. И Антифа САД се состои од локални групи обединети идеолошки од концептот на антифашизам. Почнувајќи од 1980-тите, тие активно се спротивставуваа на активностите на американските неонацисти, расистичките скинхедси и Кју-Клукс-Клан. Особено познати денес се „Роуз Сити Антифа“, основана во Портланд, Орегон, во 2007 година, потоа групата „Антирасистичка акција (АРА), која е првенствено активна во многу градови на Средниот Запад; и „Одбиј го фашизмот“, група која се формираше по првиот избор на Доналд Трамп за претседател на САД во 2016 година и оттогаш постојано организира протести против фашизмот и авторитаризмот.

Од самиот почеток, Антифа му беше трн в око на Доналд Трамп. Тој веќе неколкупати - дури и за време на неговиот прв мандат - објави дека има намера да го класифицира движењето како „терористичка организација“. Сепак, експерти и институции како што се ФБИ и Министерството за внатрешна безбедност сметаат дека овој план е тешко правно неспроведлив.

Протестен марш против Трамп во Сан Диего организиран од Антифа-групи, јануари 2021 годинаФотографија: Patrick T. Fallon/AFP/Getty Images

Правните проблеми се големи

Уште во 2017 година, тогашниот директор на ФБИ, Кристофер Вреј, изјави дека класификацијата како терористичка организација не е можна поради недостаток на формална структура или хиерархија. Агенцијата, според него, ја третира Антифа како „потенцијално насилно движење“ и спроведува истраги против индивидуални сторители со „еден вид идеологија на Антифа“. Сепак, генерално, движењето е премногу хетерогено за да се етикетира како јасна организација, оцени Вреј.

Истрага на Конгресната истражувачка служба на САД во 2020 година дојде до сличен заклучок. Според истрагата, Антифа во САД нема лидери или организациска структура на национално ниво. Наместо тоа, таа се состои од „независни, радикални, истомислечки групи и поединци“.

Со оглед на недостатокот на организациска структура на лабавото движење, останува нејасно како точно владата на САД планира да ги спроведе најавените истраги.

Освен тоа, Првиот амандман на Уставот на САД ја штити слободата на говор и собирање, како и слободата на политичко мислење - дури и радикалните, антисистемските или антивладините мислења се заштитени со Устав. Затоа, ознаката „терористичка“ може да се смета за обид за криминализирање на политичкото изразување заштитено со закон - со што би се прекршил Првиот амандман на Уставот на САД.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми