1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп ја разреши Пам Бонди

ЖА / агенции
3 април 2026

Трамп ја разреши министерката за правда Пам Бонди. Американски медиуми известија дека таа го налутила претседателот поради нејзиното ракување со досиејата на Епстин и недоволен притисок врз неговите политички противници.

Американската министерка за правда Пам Бонди
Американскиот претседател Доналд Трамп ја разреши министерката за правда Пам БондиФотографија: Tom Williams/CQ Roll Call/Newscom World/IMAGO

Американскиот претседател  Доналд Трамп  ја разреши министерката за правда Пам Бонди, потврдувајќи информации што претходно ги објавија „Њујорк тајмс“ и Си-Ен-Ен. Според нивните извештаи, Трамп бил фрустриран од начинот на кој 60-годишната Бонди го водела Министерството за правда, особено во делот поврзан со обработката и објавувањето на документите за починатиот  сексуален престапник Џефри Епстин.

Републикански конгресмени и блиски соработници на Трамп ја обвинија Бонди дека го одолговлекувала или намерно го попречувала објавувањето на материјалите поврзани со истрагите за трговија со луѓе во кои  бил инволвиран Епстин.  Дополнително, како што наведуваат американските медиуми, Трамп бил незадоволен што таа не презела поостри мерки против неговите политички противници.

Тод Бланч ќе ја извршува функцијата привремено

Во објава на неговата платформа Трут соушал, Трамп соопшти дека заменик-министерот за правда Тод Бланч привремено ќе ги преземе надлежностите на Бонди. Бланч претходно беше личен адвокат на Трамп. Претседателот додаде дека Бонди ќе добие „важна нова функција во приватниот сектор“, без да открие дополнителни детали.

Трамп ја пофали поранешната министерка како „одлична американска патриотка и лојална пријателка“, нагласувајќи дека за нешто повеќе од една година успешно се борела против криминалот во земјата.

И самиот Бланч ја пофали Бонди во објава на платформата X, наведувајќи дека таа го водела Министерството „со сила и убедување“ и дека е благодарен за нејзиното лидерство и пријателство. На Трамп му се заблагодари за довербата и вети дека ќе стори сè што е во негова моќ да ја зајакне безбедноста во  САД.

Од блиска сојузничка до сменета министерка

Неколку демократи во Конгресот ја поздравија одлуката за разрешување. Лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, ја нарече Бонди „најкорумпираната министерка за правда во модерната американска историја“, обвинувајќи ја дека се обидувала да ги замолчи сите политички критичари на Трамп.

При нејзиното назначување, Бонди важеше за блиска довереничка на претседателот. Како поранешна генерална државна обвинителка на Флорида, таа го поддржа Трамп уште во првата постапка за негов импичмент во 2019 година.

Со нејзината смена, Бонди стана втората министерка што ја напушта администрацијата на Трамп во краток период. На почетокот на март претседателот ја разреши и  министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми