1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп му се заканува на Њујорк- нема пари ако победи Мамдани

ЖА / агенции
4 ноември 2025

Американскиот претседател Трамп сака да го намали федералното финансирање на Њујорк ако левичарскиот кандидат Мамдани победи на изборите за градоначалник. Мамдани важи за фаворит и би бил прв муслимански градоначалник.

Маж во темно син костум им се обраќа на новинарите - претседателот на САД, Доналд Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп директно се меша во битката за избор на градоначалник на ЊујоркФотографија: Evelyn Hockstein/REUTERS

Пред изборите за градоначалник во Њујорк, американскиот претседател  Доналд Трамп му се закани на градот со финансиски последици доколку победи фаворитот, демократскиот кандидат, Зохран Мамдани.

„Ако комунистичкиот кандидат Зохран Мамдани победи на изборите за градоначалник на Њујорк, многу е малку веројатно дека ќе му дадам на мојот сакан роден град повеќе од законски пропишаните минимални износи на федерално финансирање“, напиша Трамп на својата онлајн платформа Трут Соушл, дополнувајќи: со 34-годишниот новодојденец во Градското собрание, „овој некогаш толку голем град НЕМА НИКАКВИ шанси за успех, па дури ни за преживување“.

Претседателот за време на неговиот втор мандат постојано се закануваше дека ќе го намали федералното финансирање поради политички несогласувања.

Во анкетите, Мамдани, кој се опишува себеси како „демократски социјалист“, има значително водство на денешните избори за градоначалник  пред  поранешниот демократски гувернер Ендру Куомо, кој се кандидираше како независен. Актуелниот градоначалник Ерик Адамс ја повлече својата кандидатура по скандал со корупција.

На републиканскиот кандидат Кертис Слиуа не му се даваат големи шанси во либералната метропола на Источниот брег - поради што дури и Трамп напиша дека секој глас за Слиуа е „глас за Мамдани“.

Наместо тоа, претседателот ги повика гласачите да го поддржат Куомо, иако Куомо се претстави себеси како антитеза на Трамп за време на пандемијата на коронавирусот. „Без разлика дали лично ви се допаѓа Ендру Куомо или не, навистина немате избор. Мора да гласате за него и да се надевате дека ќе врши фантастична работа“, напиша Трамп.

Мамдани е член на Законодавното собрание на  сојузната држава Њујорк  и, како член на Демократските социјалисти на Америка, припаѓа на левото крило на Демократската партија. За време на својата кампања, тој вети, меѓу другото, контрола на кириите, бесплатен јавен превоз и грижа за децата. Тој планира да ги финансира овие мерки со повисоки даноци за богатите и корпорациите.

Доколку биде избран, Мамдани би бил првиот муслимански градоначалник на градот со повеќе од осум милиони жители - и еден од најистакнатите противници на Трамп. Гласачките места се затвораат во 3:00 часот наутро по германско време во среда – по што се очекуваат првичните резултати.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми