Трамп на Иран му даде рок од 10 до 15 дена
20 февруари 2026
Загриженоста од можен воен судир меѓу САД и Иран повторно се засилува, и покрај тековните дипломатски обиди. Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја повика иранската влада да направи отстапки, притоа назначувајќи рок од десет до петнаесет дена за постигнување договор. Во спротивно, како што предупреди, ќе следат „лоши работи“.
Говорејќи во претседателскиот авион Ер Форс Уан, Трамп изјави дека наведениот временски период е „целосно доволен“ за да се најде решение. Тој веќе на првата седница на новоформираниот „Одбор за мир“, тело создадено по негова иницијатива, ја повтори заканата дека по истекот на рокот би можело да дојде до сериозна ескалација.
Претходните удари и американски барања
Трамп се осврна и на воздушните напади што САД ги изведоа во јуни 2025 година, наведувајќи дека тие го „децимирале“ иранскиот нуклеарен капацитет. „Можеби ќе мора да одиме чекор понатаму, а можеби и не. Сè уште не е одлучено“, додаде претседателот, потенцирајќи дека главната цел на Вашингтон е „по секоја цена“ да спречи Иран да развие нуклеарна бомба.
Американската администрација од Техеран бара целосно запирање на процесот на збогатување ураниум и напуштање на програмата за балистички ракети со долг дострел.
Иран: Секој напад ќе има „решителни и соодветни“ последици
Иран, пак, остро реагираше на можноста од нови американски удари. Во писмо до генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, иранскиот амбасадор предупреди дека, во случај на напад, Иран ќе преземе „решителни и соодветни мерки“.
„Сите бази, капацитети и средства на непријателските сили во регионот ќе се сметаат за легитимни цели“, се наведува во документот.
Техеран постојано тврди дека неговата нуклеарна програма служи исклучиво за мирољубиви цели и дека секој обид да се ограничи ракетниот арсенал претставува „црвена линија“ која нема да биде премината.