Трамп најави нови царини за лекови, товарни возила и мебел
26 септември 2025
Американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување 100-процентни царини за увоз на фармацевтски производи во САД, кои ќе стапат на сила од 1 октомври. Доколку фармацевтските производители изградат производствен погон во САД, тие би можеле да ја избегнат царината, напиша Трамп на својата интернет платформа Truth Social. Компаниите кои веќе закажале датум за почеток на изградбата или ја започнале изградбата ќе бидат ослободени од планираните царини. Всушност, од летоска е во важност договор меѓу САД и ЕУ за основна царина од 15 проценти за увоз од ЕУ во САД. Сепак, за европските производители на фармацевтски производи, полупроводници и дрвена граѓа сè уште не е сосема јасно дали ограничувањето на царината од 15 проценти важи и за нив.
И производителите на автомобили до неодамна беа во нејасна ситуација, дури во четвртокот стана јасно дека царините за автомобили увезени од ЕУ во САД ќе бидат намалени од 27,5 проценти на 15 проценти, ретроактивно од 1 август.
За германската фармацевтска индустрија, со нејзините приближно 130.000 вработени, САД се најважната извозна дестинација. Според Сојузниот завод за статистика, стоки во вредност од 27 милијарди евра, или речиси една четвртина од германскиот фармацевтски извоз, отишле во САД во 2024 година. Ова ја прави германската фармацевтска индустрија значително позависна од американскиот пазар отколку, на пример, машинската и хемиската индустрија. Вакцините, на пример, беа особено барани.
Но, предмет на нови царини нема да биде само увозот на фармацевтски производи, туку почнувајќи од октомври, Трамп планира да воведе дополнителен данок од 50 проценти на мебел, како што се кујнски елементи и инсталации за бања, како што соопшти во друга објава.
Тапацираниот мебел исто така ќе биде предмет на царина од 30 проценти. Многу парчиња мебел во сегментот на пониска цена доаѓаат од Југоисточна Азија. Трамп, во меѓувреме, сака да воведе царини од 25 проценти на големи, тешки товарни возила. Американскиот претседател ги оправдува своите постапки со „националната безбедност“.
Трамп ја гледа американската економија во голема опасност затоа што, според него, со години била измамувана од други земји. Тој тврди дека неговите царини ќе ја зајакнат домашната економија- ако увозот од странство стане поскап, луѓето би можеле сè повеќе да избираат американски производи.