Трамп ветува пет милијарди долари за обнова на Газа
16 февруари 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека членовите на новоформираниот „Одбор за мир“ ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари (околу 4,2 милијарди евра) за реконструкција на од војната разурнатиот Појас Газа. Според најавите, официјалната објава за финансиите ќе биде дадена во четврток, кога Одборот првпат ќе се состане во Вашингтон.
Трамп објави на својата платформа Трут соушл дека покрај финансиската помош, ќе бидат испратени и илјадници припадници на безбедносни сили кои треба да ја поддржат локалната полиција и да придонесат за стабилизација на регионот.
Индонезија испраќа 8.000 војници
Иако Трамп не наведе кои држави дале конкретни ветувања за финансиска или кадровска поддршка, индонезиската армија објави дека до 8.000 индонезиски војници ќе бидат подготвени за евентуална мисија во Газа до крајот на јуни. Ова претставува прва формална меѓународна потврда што ја добил Трамп.
„Одборот за мир“ (Board of Peace), основан во јануари, има за цел да обезбеди трајност на примирјето меѓу Израел и Хамас, кое стапи во сила во октомври, и постепено да ја води областа кон постконфликтен поредок. Доналд Трамп го повика Хамас да ја исполни својата „обврска за итна и целосна демилитаризација“.
Според проценките на ОН, Светска банка и ЕУ, целосната обнова на Газа би можела да чини околу 70 милијарди долари.
19 држави членуваат во „Одборот за мир“
Трамп претходно најави дека Одборот би можел да преземе дел од функциите на Обединетите нации и со време да ги направи излишни. Според него, десетици земји ја прифатиле поканата за учество, но на основачката церемонија во јануари присуствуваа претставници од само 19 држави. Германија и други западни земји не се појавија.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за време на неодамнешната посета на Вашингтон го потпишал документот за приклучување на Израел кон Одборот.
Трамп не откри колку членки ќе присуствуваат на првиот состанок во четврток, на кој тој планира лично да претседава.