1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Трамп најавува „намалување“ на војната со Иран

АРД
21 март 2026

Американскиот претседател размислува за „намалување“ на војната против Иран, со што се обидува да ги смири сограѓаните. Ублажени се и санкциите против Иран. Медиумите во меѓувреме јавуваат за засилување на трупите.

САД Вашингтон 2026 | Доналд Трамп и Марко Рубио разговараат со новинарите во Белата куќа
Доналд Трамп дава изјава пред новинарите во Белата куќа, 20.03.2026Фотографија: Kyle Mazza/TheNews2/IMAGO

„Блиску сме до постигнување на нашите цели и сега размислуваме да ги намалиме нашите обемни воени напори“, напиша Доналд Трамп на платформата Трут Соушал. Непосредно пред тоа американскиот претседател на новинарите им изјави дека САД и Израел извојувале победа.

„Мислам дека победивме“, рече Трамп. „Им ја уништивме морнарицата и воздухопловството, ја неутрализиравме нивната противвоздушна одбрана – неутрализиравме сè. Можеме слободно да се движиме. Од воена гледна точка, тие се при крај.“

Засилување во Персискиот Залив

Со најавата за „намалување“ на војната, претседателот се обидува да ја смири јавноста, која е загрижена поради растот на цените на горивото. Но, истовремено, според медиумски извештаи, американската војска испратила дополнителни сили во Персискиот Залив – три амфибиски нападни бродови и околу 2.500 маринци.

Маринците се елитни војници со широк спектар на задачи. Самото нивно распоредување не открива точно што планира Трамп. Сепак, новинарот Барак Равид од Аксиос, повикувајќи се на свои извори, тврди дека Белата куќа сериозно размислува за употреба на копнени сили:

„Администрацијата на Трамп има две цели: прво, заземање на островот Харг за преземање контрола врз иранската нафта; и второ, користење на островот како средство за притисок во идните преговори со Иран – за Ормускиот Теснец и односите на Иран со регионот и светот.“

Критики кон НАТО-сојузниците

Трамп вчера (20.03) повторно ги критикуваше НАТО-сојузниците, нарекувајќи ги кукавици и обвинувајќи ги дека немаат храброст да интервенираат во Ормускиот Теснец. Тој додаде дека би било добро да се ангажираат земјите кои го користат теснецот, бидејќи Кина, како што рече, добива 90% од енергијата преку тој пат, а Јапонија 95%.

Иако администрацијата на Трамп ја смета Кина за најопасен глобален ривал, неговите повици Кина да испрати војска во регионот се изненадувачки.

Ублажени санкции кон Иран

Само 90 минути по барањето поддршка, Трамп го ублажи ставот, пишувајќи на Трут Соушал дека САД не се главно одговорни за заштита на Ормускиот Теснец и ќе помагаат само на барање.

Во меѓувреме, САД привремено ги олеснија санкциите кон Иран, дозволувајќи продажба на нафта што веќе е во транспорт. Целта е стабилизација на пазарите.

Корист и за Русија

Министерот за финансии Скот Бесент завчера за „Фокс бизнис“ изјави дека оваа мерка всушност ќе му наштети на Иран: „Всушност, ќе ги користиме иранските нафтени буриња против Иранците за да ја одржиме цената ниска во следните 10 до 14 дена додека продолжуваме со оваа воена акција“, тврдеше тој.

Според Бесент, станува збор за околу 140 милиони барели – количина што одговара на светската побарувачка за околу ден и половина. Иран веројатно ќе ја продаваше оваа нафта во секој случај, бидејќи неговиот најважен клиент е Кина, а на танкерите што се упатуваат кон Кина им е дозволено да транзитираат низ Ормускиот Теснец. Сепак, сега и западните клиенти можат да купуваат иранска нафта.

Иран, пак, тврди дека во моментов нема резерви на нафта на море. Пред неколку дена САД привремено ги олеснија и санкциите кон Русија, што би можело да ѝ помогне да надомести значаен дел од загубите од меѓународните санкции.

Автор: Карстен Кинтоп, АРД

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми