Трамп: „НАТО прави глупава грешка“
18 март 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја критикуваше Германија и другите земји од НАТО за недостигот на поддршка во обезбедувањето на Ормускиот Теснец. „Ставот на сојузниците е прилично шокантен“, изјави Трамп во Белата куќа. Тој рече дека е разочаран од партнерите и додаде: „Мислам дека НАТО прави многу глупава грешка.“ Случајот, според него, бил тест за алијансата.
Трамп дури спомена и можност за повлекување на Соединетите Американски Држави од НАТО: „Тоа дефинитивно е нешто за што треба да размислиме“, рече тој. „Не ми е потребен Конгресот за оваа одлука.“ Сепак, американскиот Конгрес во 2023 година усвои закон со кој се бара одобрување од парламентот за евентуално напуштање на алијансата.
Трамп во неделата ги повика партнерите од НАТО да ги поддржат САД во обезбедувањето на теснецот од ирански напади врз нафтени танкери. Недостигот на помош би бил „многу лош“ за иднината на алијансата, предупреди тој. Но Германија и другите земји членки реагираа едногласно негативно.
НАТО е одбранбен сојуз. Ако една членка биде нападната, може да се активира член 5, што значи дека другите држави мора да ѝ помогнат. Досега овој член е активиран само еднаш – на 12 септември 2001 година, по терористичките напади врз САД. Тој не важи ако членка сама започне војна – како во актуелниот конфликт со Иран.
„Треба да го запомниме тоа“
Американскиот претседател ја изрази својата лутина и за време на средбата со ирскиот премиер Михал Мартин. „Ние ѝ помогнавме на Украина, но тие не помагаат во врска со Иран, иако сите признаваат дека Иран не смее да има нуклеарно оружје“, рече Трамп. „Како Соединети Американски Држави мора да го запомниме тоа, бидејќи сметаме дека е прилично шокантно.“
Во тој контекст, Трамп повторно ја критикуваше Германија. Германската влада изјави дека не е вклучена во војната со Иран и затоа не сака да учествува во мисија во Ормускиот Теснец, рече Трамп, додавајќи дека истовремено Германија сметала дека САД и Израел направиле „нешто големо“ со елиминирањето на иранското раководство. Германскиот канцелар Фридрих Мерц во понеделникот (16.03) изјави: „Ние не учествуваме во оваа војна – тоа го кажавме од првиот ден.“ Ова „не“ важи и за евентуална воена мисија во теснецот.
Трамп го критикуваше и британскиот премиер Кир Стармер, кој, според него, не понудил поддршка. „Тоа е голема грешка. Разочаран сум од Кир – ми се допаѓа, мислам дека е добар човек, но сум разочаран“, рече Трамп.
„Никогаш не ни требаше помош!“
Ирскиот премиер Михал Мартин, пак, ги бранеше европските лидери. За Стармер рече дека е „искрен и доверлив човек“ и додаде дека Трамп и претходно имал добри односи со европските лидери. Тој потсети дека сите европски земји вовеле санкции против Иран. Ирска не е членка на НАТО.
Пред средбата, Трамп на својата платформа Трут Соушал напиша дека на САД повеќе не им треба помошта од НАТО во Ормускиот Теснец. „Никогаш не ни требаше!“, напиша тој со големи букви. Истото, според него, важи и за земји како Јапонија, Австралија и Јужна Кореја.