Трамп: Постигнат договор за разоружување на Хамас
31 јули 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп објави договор за разоружување на терористичката организација Хамас и други вооружени групи во Појасот Газа. Како што објави, неговиот Одбор за мир постигнал соодветен договор. Според американски извори и извори од Одборот за мир, Хамас се согласил на разоружување, објавува новинската агенција ДПА. Израел засега не дал официјално соопштение.
„Овој договор претставува одлучувачки чекор кон тоа Појасот Газа конечно да биде управуван од нова палестинска влада, која ќе соработува тесно со Одборот за мир за да му помогне на палестинскиот народ“, напиша американскиот претседател на својата платформа Трут соушал.
Во исто време, тој нагласи дека Израел ќе ја добие безбедноста што ја заслужува и им се заблагодари на посредниците Египет, Катар и Турција.
Договорот наводно предвидува меѓународни стабилизациски сили
Според Трамп, договорот претставува важна пресвртница во спроведувањето на планот за окончување на војната во Појасот Газа. Неговата реализација треба да се одвива во фази. Како што ќе напредува разоружувањето, израелските вооружени сили постепено би се повлекувале.
Во иднина, меѓународната стабилизациска мисија би била задолжена за безбедноста заедно со новата палестинска полиција. Трамп рече дека тоа е клучен чекор кон воспоставување нова палестинска влада во Појасот Газа.
Засега не е јасно дали станува збор за изјава за намери или за правно обврзувачки договор.
Преговарачките кругови зборуваат за редок напредок
Претходно, извори блиски до преговорите објавија дека е постигнат невообичаено значаен напредок на разговорите меѓу медијаторите и претставниците на Хамас во Каиро, објави Ројтерс.
Израелски владин претставник неодамна ги опиша предложените услови како „незадоволителни“. Од друга страна, според неколку извори запознаени со преговорите, Хамас го прифатил конечниот текст на договорот. Ова ја вклучува и одредба за „целосно разоружување“.
Според тие извори, дополнителни детали ќе треба да се разработат во наредните недели. „Мислам дека во наредните еден или два месеци би можеле да видиме одреден напредок“, рече еден висок владин претставник. Друг извор од круговите на Одборот за мир процени дека спроведувањето на целиот план би можело да трае помеѓу 200 и 350 дена. Попрецизни проценки ќе бидат можни само кога ќе се договори распоредот за секоја поединечна фаза.