Трамп повторно остро го нападна Мерц
1 мај 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп продолжува со критики на сметка на германскиот канцелар Фридрих Мерц: канцеларот треба „да посвети повеќе време на завршување на војната меѓу Русија и Украина“, напиша Трамп на својата платформа Трут Соушл. Тој го обвини Мерц дека досега бил „целосно неефикасен“ во војната во Украина.
Наместо да се меша во други прашања, канцеларот треба да работи на поправање на својата земја, особено во областите миграција и енергија, се вели понатаму во објавата.
Критиката на Трамп доаѓа само еден ден откако тој се закани со повлекување на американските трупи од Германија.
„Тој не знае за што зборува“
Повод за ова, очигледно, се изјавите на Мерц во понеделникот (27.04) за време на дискусија со ученици во германскиот регион Зауерланд. Канцеларот го критикуваше пристапот на САД кон Иран. Првично планираното брзо решение на „проблемот“ не било постигнато, оцени тој.
САД не можат брзо да ја завршат војната, „бидејќи Иранците очигледно се посилни отколку што се мислеше, а Американците очигледно немаат убедлива стратегија во преговорите“. Цела нација, според Мерц, е понижена од страна на иранското раководство.
Одговорот на Трамп дојде набргу потоа со невообичаено остра реторика: Мерц, според него, се согласувал Иран да поседува нуклеарно оружје. Германскиот канцелар „не знае за што зборува“, напиша Трамп на Трут Соушл и додаде: „Не е ни чудо што на Германија ѝ оди толку лошо, и економски и во други аспекти.“
Односот „и натаму добар“?
Мерц реагираше воздржано. На прес-конференција во Берлин рече: „Личниот однос меѓу американскиот претседател и мене, барем од моја перспектива, останува добар.“
Досега односот меѓу Трамп и Мерц важеше за позитивен. Додека американскиот претседател веќе беше влезен во конфликти со многу европски лидери, кон канцеларот досега повеќепати изразуваше голема почит.
При посетата на Белата куќа на почетокот на март, Мерц нагласи заеднички ставови во врска со војната поврзана со Иран. Германија и САД биле целосно согласни за „овој страшен режим“ на мулите, рече тој. Трамп го нарече канцеларот „пријател“ и „одличен“ политичар, со кого се среќава во „многу интересни времиња“.
Во неделите потоа, Мерц сè повеќе се дистанцираше од војната поврзана со Иран, што пак предизвика незадоволство кај Трамп.