1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп пак на власт: што се случува на денот на инаугурација?

Тимоти Рукс
20 јануари 2025

Претседателската инаугурација во Вашингтон ќе биде конечниот победнички круг за Доналд Трамп додека се враќа во Белата куќа. Што се случува на денот, кој е поканет и кој плаќа за сето тоа?

Доналд Трамп САД, Џеј Ди Венс
Доналд Трамп ќе биде 47-ми претседател на САД, а Џеј Ди Венс - потпретседателФотографија: Carlos Osorio/AP Photo/picture alliance

Кога е инаугурацијата?

Претседателската инаугурација на САД традиционално се одржува на 20-ти јануари, уште од 1930-тите. Настанот се преместува за следниот ден само ако 20-ти се паѓа во недела, што се случило четири пати до сега. Во таков случај, новоизбраниот претседател само полага заклетва во недела и ја повторува за јавноста следниот ден.

Секој нов претседателски мандат има инаугурација  за да се означи почетокот на уште еден четиригодишен мандат, дури и ако истиот претседател продолжува на функцијата. Роналд Реган, Бил Клинтон, Џорџ Буш и Барак Обама се меѓу оние од поново време кои имале по две инаугурации.

Доналд Трамп,  45-тиот претседател,  сега ќе ја има втората инаугурација,  со што ќе биде 47-ми претседател на САД и вториот во историјата кој непоследователно добил два мандати и се враќа на функцијата по четиригодишна пауза. Тоа претходно му успеа на Гровер Кливленд во 1890-тите.

Каде се одржува церемонијата?

Од 1801 година, повеќето  претседателски инаугурации се одржуваат во зградата на американскиот Капитол  во Вашингтон. Во вонредни околности, церемонијата се одржувала со малку или без никакво планирање. Девет нередовни инаугурации се случиле среде претседателски мандат поради тоа што претседателот починал, или пак си поднел оставка. Линдон Џонсон стана претседател откако беше убиен Џон Ф. Кенеди, а Џералд Форд положи заклетва во Белата куќа откако Ричард Никсон си поднесе оставка.

Првата инаугурација на Трамп во 2017 година се одржа надвор, а неговата втора сега ќе биде настан во затворен простор, во КапитолФотографија: Lucas Jackson/Getty Images

Сите инаугурации, освен една, се случувале на отворено на Западниот фронт од зградата на Капитолот почнувајќи од првата заклетва на Роналд Реган во 1981 година - неговата втора инаугурација во 1985 година се одржа внатре во зградата на Капитол поради лошите временски услови. Предноста е што е свртена кон Националниот центар, огромно пространство кое може да прими посетители со споменикот на Вашингтон во позадината.

Што се случува за време на церемонијата?

Вообичаено, новоизбраниот претседател ја посетува Белата куќа и со претседателот во заминување оди до Капитолот за јавно да се покаже мирниот трансфер на власта. Трамп го прескокна овој чекор, омаловажувајќи го Џо Бајден  во 2021 година, но Бајден најверојатно ќе ја задржи традицијата.

Нешто пред пладне, церемонијата започнува на скалите пред Капитолот, а  новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс  ќе ја даде својата заклетва.

Напладне, Џон Робертс, претседателот на Врховниот суд, ќе ја земе заклетвата на Трамп. За разлика од поголемиот дел од церемонијата, вордингот на оваа заклетва е прецизиран во Уставот и гласи: „Свечено се колнам дека верно ќе ја извршувам функцијата претседател на САД и најдобро што умеам ќе го чувам, заштитувам и бранам Уставот на САД“.

Бендот на Маринците ќе ја отсвири претседателската химна „Hail to the Chief“. После тоа, следува поздрав со 21 истрели, а новиот претседател има инаугуративно обраќање.

 

Што се случува по церемонијата?

По церемонијата, новиот претседател ќе го придружува тогаш веќе поранешниот претседател Бајден на церемонијата за збогување од другата страна на зградата на Капитолот, каде што хеликоптер ќе го однесе дома.

Во Капитолот има ручек со високи претставници на Конгресот, проследен со парада по авенијата Пенсилванија до Белата куќа. Тоа е делот каде што претседателот често излегува од својата блиндирана лимузина и пешачи дел од патот.

Во Белата куќа, претседателот се очекува да потпише куп извршни документи со кои ќе се назначи правецот на неговото претседателствување во најраниот можен момент.

Вечерта се одржуваат неколку официјални инаугуративни балови низ Вашингтон каде се очекува претседателот и првата дама да се појават на кратко.

Кој се очекува да присуствува?

Поранешни претседатели, првите дами и потпретседателите обично присуствуваат на секоја инаугурација. Тоа би значело дека Бил Клинтон, Џорџ В. Буш, Барак Обама и Џо Бајден се очекува да присуствуваат со своите сопруги.

До сега шефови на други држави не присуствувале на ниту една инаугурација. Сепак Трамп упатил покани до претседателите на Кина, Ел Салвадор и Аргентина, како и на премиерката на Италија.

На инаугурацијата присуствуваат не само поранешни претседатели, туку и членови на Конгресот, воени претставници и други достоинственици, познати личности и дипломатиФотографија: Rob Carr/Getty Images

Колку и да е интересно кој доаѓа, многу зборува и тоа кој нема да се појави. Во 2017  година, 67 Демократи ја бојкотираа првата инаугурација на Трамп. Годинава листата на Демократи кои нема да се појават е уште подолга. 

Друго лице кое нема да присуствува е  т.н. „назначен преживеан“. Претседателот го назначува ова лице, чиј идентитет се чува во тајност, и кое вообичаено е член на неговиот Кабинет. Се назначува за да ја извршува функцијата во случај на некакво случување кое би ја оневозможило владата да дејствува. Од таму тоа лице се држи на страна од сите настани на кои речиси сите од владата се собрани на едно место и би можеле да бидат жртва на некаква катастрофа, што го објаснува и името „назначен преживеан“.

Кој плаќа за Денот на инаугурацијата?

Владата ја организира и плаќа за церемонијата на полагање заклетва во Капитолот.

Владата го плаќа и обезбедувањето што е најголемата ставка за целиот настан. За инаугурацијата во 2017 година, околу 28 илјади лица беа на терен, вклучително и од Тајната служба, ФБИ и Националната гарда. Трошоците беа проценети на над 100 милиони долари (96,2 милиони евра) и беа платени од буџетот.

Инаугуративниот комитет назначен од новоизбраниот претседател ги планира и финансира повеќето други свечености како парадите и баловите. Комитетот се финансира од донации, при што нема горна граница за донации од граѓани или компании. Форд, Убер и Амазон се согласија да донираат најмалку 1 милион долари во готовина или услуги за инаугуративниот комитет на Трамп. Беше објавено дека  извршниот директор на Мета, Марк Закерберг  и извршниот директор на ОпенАИ, Сем Алтман, лично донирале 1 милион долари. „Њујорк тајмс“ открива дека „вкупниот износ за комитетот за финансирање на неговата инаугуративна свеченост – со собрани најмалку 150 милиони долари и уште  повеќе кои се очекуваат - ќе го собори рекордот од 107 милиони долари собрани за неговата инаугурација во 2017 година“. Тоа ќе биде најголем фонд во историјата и ќе го надмине буџетот на инаугуративниот комитет на Бајден, кој броеше околу 62 милиони долари.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми