Трамп: Унгарија останува исклучок за руската нафта и гас
8 ноември 2025
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ѝ одобри на Унгарија привремено ослободување од енергетските санкции против Русија. Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, во петокот, по состанокот меѓу Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Белата куќа, зборуваше за „сеопфатно и неограничено ослободување од санкциите за нафта и гас“ што САД ѝ го доделиле на Унгарија. Но, функционер на американската влада изјави за новинската агенција АФП дека ослободувањето ќе важи само една година.
САД во октомври воведоа санкции врз руските нафтени компании Роснефт и Лукоил. Вашингтон го оправда ова со одбивањето на рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната против Украина. Орбан инсистираше на ослободување од санкциите. Како и Словачка, Унгарија продолжува да добива големи количини руска нафта преку гасоводот Дружба. Унгарија, исто така, продолжува да купува големи количини природен гас од Русија.
Во меѓувреме, според претставникот на американската влада, Унгарија се обврзала да купува американски течен природен гас во вредност од околу 520 милиони евра.
САД на крајот на октомври веќе ѝ дадоа на Германија ослободување од санкциите за нафта. Казнените мерки не важат за германските подружници на руската нафтена компанија Роснефт, кои се под германско управителство. Германија поседува, меѓу другото, мнозински удел во рафинеријата PCK во Швед, која ги снабдува Берлин и североисточна Германија со гориво и нафта за греење. Без ослободувањето, PCK можеби ќе мораше да пријави банкрот.
Трамп изрази разбирање за зависноста на Унгарија од Русија: немајќи пристап до морските пристаништа, „на Орбан му е многу тешко да набави нафта и гас од други региони“, смета американскиот претседател.
За разлика од Трамп, републиканските и демократските американски сенатори во заедничка резолуција во четвртокот ја повикаа Унгарија да ја намали зависноста од руската енергија и да се придржува до планот на ЕУ за целосно прекинување на рускиот увоз до крајот на 2027 година.
Во врска со неговите блокирани мировни напори за Украина, Трамп изјави дека сè уште се стреми кон средба со Владимир Путин. „Би сакал да ја одржам во Унгарија, во Будимпешта“, Орбан би можел да му помогне во дијалогот со лидерот на Кремљ, изјави Трамп „Тој го разбира Путин и го познава многу добро“.
Трамп и Орбан во Белата куќа уште еднаш го демонстрираа својот обединет фронт против своите политички противници. Трамп го пофали десничарскиот националист од Будимпешта како „одличен лидер“. Пред парламентарните избори што се очекуваат во Унгарија оваа пролет, Орбан е под притисок: лидерот на опозицијата, Петер Маѓар, води во анкетите. Орбан владее со Унгарија 15 години, по почетниот четиригодишен мандат до 2002 година. Ова го прави најдолгогодишен европски шеф на влада.
Трамп побара другите европски земји „повеќе да ја почитуваат Унгарија“, истакнувајќи дека Орбан беше „во право за имиграцијата“. Унгарскиот премиер нагласи дека миграцијата во неговата земја е „нула“.
За време на бегалската криза што започна во 2015 година, Унгарија одби да прифати мигранти. Земјата се спротивставува и на механизмот за солидарност договорен од ЕУ за да се обезбеди помош за земји како Италија и Грција.