Трамп предлага нуклеарни тестови - што значи тоа?
31 октомври 2025
Поминаа 33 години откако Соединетите Американски Држави последен пат тестираа нуклеарно оружје со експлозија. Но, оваа среда, на 29 октомври 2025 година, претседателот Доналд Трамп се чини дека наредил тестовите да продолжат „веднаш“.
Објавата на претседателот на неговата платформа Truth Social се однесува на нуклеарната закана што ја претставуваат Русија и Кина. „Поради програмите за тестирање на други земји, му наложив на Министерството за војна да започне со тестирање на нашето нуклеарно оружје на рамноправна основа“, напиша Трамп. Министерството за војна всушност е поранешното Министерство за одбрана, кое неодамна го промени името.
Неколку дена претходно, Трамп ја осуди Русија за тестирање на нуклеарна ракета.
Доколку објавата на американскиот претседател стане реалност, тоа би значело крај на деценискиот мораториум за нуклеарни тестирања.
Администрацијата на Трамп разгледуваше слична идеја за време на неговиот прв мандат, но на крајот беше отфрлена.
Дали е веројатно САД навистина да детонираат нуклеарно оружје?
Експертите за нуклеарно оружје велат дека не е сосема јасно што точно Трамп мисли под нуклеарно тестирање. Тоа би можело да значи само тестови како оние што ги спроведува Русија - односно тестови на ракети што носат нуклеарни боеви глави или оружје со слична големина, но без детонација. Или би можело да значи сложен и опасен подземен процес на детонација.
„Очекувам дека ќе има тестови на летање на американски интерконтинентални балистички ракети, но би бил многу изненаден ако САД продолжат со вистински нуклеарни експлозивни тестови“, изјави за ДВ д-р Александар Болфрас, раководител на одделот за стратегија, технологија и контрола на оружјето во Меѓународниот институт за стратешки студии, тинк-тенк со канцеларии низ целиот свет.
Виталиј Федченко, виш соработник во Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), исто така се сомнева во таква можност, со оглед на недостатокот на конкретни информации. Тој укажува дека насоката на наредбата на Трамп би можела да укажува на помалку сериозна опција.
„Во американската администрација, Министерството за енергетика е одговорно за одржување на капацитетот за нуклеарни тестови, а не Министерството за одбрана“, вели Федченко. „Значи, ако тој му наредил на Министерството за одбрана да го стори ова, тогаш можеби зборува за некаков вид ракетни тестови и слични работи. Но, ако зборуваме за самото нуклеарно оружје, тогаш тоа е одговорност на Министерството за енергетика.“
Каде во САД би можело да се спроведе тестирање на детонација?
Двајцата експерти се согласуваат дека, доколку се случи експлозија, таа би се извршила во пустината Невада. Такви тестови се спроведени таму и претходно, пред повеќето нуклеарни држави да прогласат мораториум.
Но, Федченко за ДВ вели дека, со оглед на тоа што веројатно има многу малку луѓе со директно искуство во вакви тестови денес, како и сложеноста на логистиката што е вклучена, секоја брза акција на овој фронт изгледа речиси невозможна.
„Ако зборуваме за вистинскиот датум на тестирање, тоаби било дури за неколку години - најмалку 18 месеци, дури и ако сè оди апсолутно според планот“, вели тој. „Мора да го подготвите местото каде што ќе се одржи тестот. Ако е под земја, мора да се ископа окно или нешто слично. Тестот може да се направи под земја, но сепак е нуклеарна експлозија. И ако нешто не оди според планот, може да има испуштање или истекување на радиоактивни материјали во атмосферата. Значи, зборуваме за можен радиоактивен облак некаде во близина на Лас Вегас. Исто така, би имало сеизмички ефекти врз високите згради.“
Каква улога игра Русија во сето ова?
Руските тестови на нуклеарни проектили се најдоа на насловните страници на почетокот на неделава, кога началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, го извести претседателот Владимир Путин дека војската „извршила повеќечасовен лет на ракета на нуклеарен погон, која прелетала 14.000 километри - што не е нејзин максимум“.
Но, Болфрас се сомнева дека ова ќе има вистинско влијание врз САД.
„Не мислам дека САД се обидуваат да го имитираат она што го прават Русите. Соединетите Американски Држави веќе имаат јасно дефинирана програма за модернизација на своето нуклеарно оружје. Многу од овие модернизации датираат од доцниот период на Студената војна, па затоа има смисла да се модернизираат и да се воведат нови системи“, објаснува тој.
„Но, тие руски, таканаречени егзотични или нови системи главно произлегуваат од стравот дека американската ракетна одбрана би можела да оневозможи продор на нивното традиционално нуклеарно оружје. Соединетите Држави немаат таков страв, бидејќи Русија не инвестира во ракетна одбрана на ист начин како што инвестираат САД“.
Дали и други нуклеарни сили би можеле да предизвикаат нова трка во вооружување?
Иако Трамповите намери, а камоли конкретни акции, сѐ уште се нејасни, дури и самата ваква изјава би можела да има последици.
Според СИПРИ, САД, Русија, Обединетото Кралство, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Северна Кореја и Израел се сметаат за „држави со нуклеарно оружје“.
Според извештајот на организацијата објавен претходно оваа година, сите овие земји спроведувале „интензивни програми за модернизација на нуклеарното оружје во текот на 2024 година, надградувајќи ги постојните системи и додавајќи нови верзии“.
Како што неодамна истакна Трамп, САД имаат повеќе нуклеарни боеви глави од која било друга земја, додека Кина, вели тој, е „далечно трета“ зад Русија.
Но, азиската сила ја дуплираше големината на својот арсенал на околу 600 нуклеарни боеви глави во 2025 година - во споредба со 300 во 2020 година, се вели од Центарот за стратешки и меѓународни студии од Вашингтон. Проценките сугерираат дека тој број би можел да се зголеми на повеќе од илјада до 2030 година.
„Со исклучок на Кина, не гледаме трупање на нуклеарно оружје“, вели Болфрас. „Соединетите Американски Држави се длабоко загрижени за иднината. Не само што мора да го прилагодат својот нуклеарен арсенал и стратегија на Русија, туку сега мора да се соочат со две сили. Значи, постои потенцијал за трка во вооружување.“
Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик