1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

„Нецелисходно“: Трамп го критикуваше рускиот ракетен тест

СН/агенции
27 октомври 2025

Претседателот на САД, Трамп го повика рускиот претседател да ја прекине војната во Украина, наместо да тестира нови ракети. Путин претходно објави дека е успешно тестирана крстосувачка ракета на атомски погон.

Претседателот на Русија, Владимир Путин на говорница а зад него чекори претседателот на САД, Доналд Трамп
Доналд Трамп со нови критики за Владимир Путин овојпат поради ракетен тестФотографија: Jae C. Hong/AP Photo/dpa/picture alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше завршувањето на тестот на крстосувачка ракета на нуклеарен погон, објавено од неговиот руски колега Владимир Путин, како „нецелисходно“. „Тој требаше да ја заврши војната (во Украина)“, им рече Трамп на новинарите денеска во претседателскиот авион, осврнувајќи се на Путин. „Војната која требаше да трае една недела, сега трае речиси четири години.. Тој треба да го направи тоа, наместо да тестира ракети“, рече Трамп

Неговата изјава следуваше само неколку часа откако Путин го објави завршувањето на тестирањето на новата крстосувачка ракета со нуклеарен погон - Буревестник. „Клучните тестови сега се завршени“, рече Путин во видео снимка од состанокот со воените претставници, објавено од Кремљ во неделата. Покрај тоа, рускиот претседател нареди да се започне со „подготовки на инфраструктурата за стационирање на ова оружје за руските вооружени сили“. Според економскиот претставник на Кремљ, Кирил Дмитриев, Вашингтон веќе е информиран за завршувањето на тестовите.

Крстосувачките ракети од типот Буревестник се напојуваат со атомска енергија. Путин зборуваше за „неограничен дострел“ и „уникатен изум“, кој, освен Русија, „го нема никој друг во светот“.

Соопштението на Кремљ следеше во контекст на застојот во напорите за можен мир во Украина. Претседателот на САД, Доналд Трамп неодамна ја одложи планираната средба со Путин во Будимпешта на неодредено време. Минатиот вторник, американскиот претседател изјави дека не сака „залудна средба“ со шефот на Кремљ. Во саботата, Трамп нагласи дека „нема да си го троши времето“ сè додека не се наѕира договор за прекин на војната во Украина.

     

    

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми