Трамп: Русија може да ѝ испорачува нафта на Куба
30 март 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема ништо против руските испораки на нафта за Куба. „Ако некоја земја во моментот сака да испорача малку нафта на Куба, немам никаков проблем со тоа, било да е Русија или не“, рече тој во неделата пред новинарите во претседателскиот авион „Ер форс уан“. „Куба е пред колапс, тие имаат лош режим, имаат многу лошо и корумпирано раководство, и дали ќе добијат брод со нафта или не, нема да направи разлика“, додаде тој.
Трамп рече дека би претпочитал да се дозволат испораки на нафта за Куба, бидејќи населението на островската држава има потреба од енергија за греење и ладење. Американскиот претседател истовремено ја повтори својата убеденост дека раководството во Хавана наскоро ќе падне. „Во краток рок“ кубанската влада ќе пропадне, „и ние ќе бидеме таму за да помогнеме“, рече тој и се закани: „Куба ќе биде следна.“
Претходно, весникот Њујорк тајмс, повикувајќи се на американски претставник запознаен со состојбата, објави дека американската крајбрежна стража му дозволила на танкерот „Анатоли Колодкин“, натоварен со 730.000 барели руска сурова нафта, да помине кон Куба. Американската крајбрежна стража првично не одговори на барањето за коментар од агенцијата АФП.
Според веб-страницата Маринтрафик, во неделата „Анатоли Колодкин“ се наоѓал пред источниот брег на Куба. Се очекува во вторник да пристигне во пристаништето Матансас на западот на земјата. Тоа би била првата испорака на нафта за комунистички управуваната карипска држава, која страда под американската блокада, од јануари наваму.
Куба се соочува со најтешката економска криза од распадот на Советскиот Сојуз. Русија, според сопствените изјави, сака да ѝ помогне на земјата. „Анатоли Колодкин“ ја напуштил руската лука Приморск на 8 март, насочувајќи се кон Атлантикот. Првично се очекуваше неговото пристигнување на Куба во понеделник.
Во последните месеци, Куба повторно доживеа повеќекратни прекини на електрична енергија ширум земјата, кои понекогаш траеја со денови. Јавниот превоз на островот е масовно ограничен, бензинот е рационализиран. Повеќе авиокомпании веќе не летаат кон карипскиот остров поради недостигот од гориво.
Американската војска во почетокот на јануари го уапси венезуелскиот претседател Николас Мадуро и го однесе во САД. Потоа Вашингтон се погрижи Венецуела, која дотогаш беше најважен снабдувач на Куба со нафта, да ги прекине испораките. На крајот на јануари Трамп им се закани на државите што испорачуваат нафта на Куба со дополнителни американски казнени царини.