1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп сака да се кандидира за „цела Америка“

ЕМФ | агенции
19 јули 2024

Доналд Трамп ја прифати претседателската номинација на Републиканската партија. Во својот говор на крајот од конвенцијата, тој се повика на единството на општеството и рече дека го преживеал атентатот со „милост Божја“.

САД конвенција на Републиканската партија Доналд Трамп
Доналд Трамп најави дека ќе се кандидира за цела АмерикаФотографија: J. Scott Applewhite/AP Photo/picture alliance

Доналд Трамп ја прифати номинацијата за републикански претседателски кандидат. Во својот говор на конвенцијата на Републиканската партија во Милвоки, тој најави дека ќе се кандидира за цела Америка. „Се кандидирам за претседател за цела Америка, а не за половина Америка, затоа што не е победа ако победите за половина Америка.“

Мора да се излечи раздорот и поделеноста во општеството, рече Трамп на почетокот на својот говор на крајот на партиската конвенција: „Како Американци, поврзани сме заедно со единствена судбина. Заедно се издигнуваме или се распаѓаме“, рече 78-годишникот.

„Ќе постигнеме неверојатна победа“

Што се однесува до исходот од ноемвриските избори, Трамп е оптимист: „За четири месеци ќе постигнеме неверојатна победа.“

Трамп на почетокот на својот говор, проследен со извици на одушевување од присутните, ја прифати очекуваната номинација за претседателски кандидат на партијата. Поранешниот американски претседател веќе беше официјално назначен за кандидат на почетокот на неколкудневната партиска конвенција и ова беше формален чекор. На внатрепартиските прелиминарни избори, Трамп го доби потребниот број делегатски гласови уште во март.

Трамп пред делегатите на конвенцијата: „За четири месеци ќе постигнеме неверојатна победа“Фотографија: Morry Gash/AP Photo/picture alliance

„Пред вас стојам само благодарение на милоста Божја“

Со невообичаено тивок глас, Трамп зборуваше за обидот за атентат извршен врз него пред речиси една недела. „Овде, во оваа арена, пред вас стојам само благодарение на милоста Божја“, им рече тој на своите поддржувачи. Ако не ја завртел главата во последен момент, рече Трамп, атентаторот ќе ја погодел целта „совршено“. „И јас немаше да бидам овде вечерва“, рече Трамп.

Тој беше погоден со куршум во саботата на предизборен митинг во сојузната држава Пенсилванија и беше полесно повреден на увото. Делегатите на конвенцијата на Републиканската партија со минута молчење му оддадоа почит на човекот кој беше убиен при нападот.

Трамп индиректно ги нарекува мигрантите „ѓубре“

Трамп го искористи својот говор во Милвоки и за уште еднаш да подбуцне против мигрантите: „Тие доаѓаат од секаде“, рече тој, а подоцна додаде: „Станавме ѓубриште за остатокот од светот - и тие ни се смеат. Мислат дека сме глупави.“

Трамп неколку минути зборуваше за прашањето на доселувањето. Тој ги повтори, буквално со иста формулација, изјавите што постојано ги дава за време на настапите во предизборната кампања. Трамп тврдеше, на пример, дека преку јужната граница во земјата доаѓале речиси исклучиво криминалци и луѓе од „душевни болници“. Тој, како една од првите мерки што ќе ги преземе доколку биде избран за претседател, сака да ја затвори границата и да ги спречи мигрантите да влегуваат во САД. „Ќе ја завршам кризата со илегалната имиграција со затворање на нашата граница и завршување на ѕидот“, рече 78-годишникот и потенцираше: „Мораме да ја запреме инвазијата на нашата земја.“

Трамп го искористи својот говор во Милвоки и за уште еднаш да подбуцне против мигрантитеФотографија: Matt Rourke/AP Photo/picture alliance

Рутата преку Мексико до САД ја избираат многу луѓе кои бегаат од сиромаштијата, насилството и политичките кризи во својата татковина и се надеваат на подобар живот во економски најсилната земја во светот. Стотици лица годишно умираат на опасната рута кон север, поради недостиг на вода и топлотни удари, додека многу други стануваат жртви на криминални банди и сексуално насилство.

Говорите за миграцијата стануваат сѐ порадикални

Миграцијата отсекогаш била тема во кампањите на Трамп, но неговите говори во врска со ова прашање стануваат сѐ порадикални во последниве години. Тој редовно користи јазик полн со омраза, дава расистички изјави и подбуцнува против малцинствата. На пример, политичките противници ги нарече „штетници“ и рече дека некои имигранти воопшто не се „луѓе“ и дека ја „трујат крвта на нашата земја“.

Во САД долго се води дебата за реформирање на миграциското законодавство. Американскиот претседател Џо Бајден неодамна ги заостри правилата за азил за мигрантите кои илегално влегуваат во САД преку јужната граница.

Кандидатот за потпретседател Џ.Д. Венс со сопругата (крајно лево) аплаудираат при пристигнувањето на Меланија Трамп на конвенцијатаФотографија: Brian Snyder/REUTERS

Само неколку реченици за Венс

За време на својот говор, кој траеше околу час и половина, Трамп само накратко се осврна на кандидатот за потпретседател, Џ. Д. Венс, кој отсега со него ќе се натпреварува во изборната кампања. „Се радувам што имам нов пријател и партнер кој се бори покрај мене“, рече Трамп. „Тој ќе биде одличен потпретседател.“

Според Трамп, 39-годишниот Венс ќе биде со него долго време, „и беше чест да го одберам“. Венс, рече Трамп, бил одличен студент на елитниот универзитет Јеил, како и неговата сопруга Уша: „Ова се двајца паметни луѓе“, рече Трамп и потоа брзо премина на следната тема.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми