1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Трамп сака за мир да го „распарчи“ Донбас

Тагесшау | БЈ
20 октомври 2025

Американскиот претседател во изминатите недели навистина покажуваше сѐ поголемо нетрпение кон рускиот претседател Путин, но Трамп сега повторно го менува курсот - на сметка на Украина.

Доналд Трамп разговара со новинари vo авионот „Ер Форс Уан“
Американскиот претседател Трамп ги повика двете страни да „сопрат на линијата на фронтот - да си одат дома, да престанат да се борат и да престанат да убиваат луѓе“Фотографија: Mark Schiefelbein/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Доналд Трамп го потврди барањето за неодложен прекин на огнот во Украина долж сегашната линија на фронтот. За да се стави крај на борбите, фронтовската линија треба да биде замрзната, а со тоа и поделбата на источниот регион Донбас. Русија и Украина треба да останат таму каде што актуелно се наоѓаат нивните сили, сè друго би било „многу тешко да се испреговара“, порача Трамп пред новинарите на лет со владиониот авион.

Регионот Донбас треба да се „раздели“ и голем дел од територијата да ѝ се препушти на Русија. „Оставете го поделен како што е сега“, рече Трамп и порача дека „нешто може да се преговара и подоцна“. Тој ги повика двете страни да „сопрат на линијата на фронтот - да си одат дома, да престанат да се борат и да престанат да убиваат луѓе“. Русија моментално контролира голем дел од источниот украински регион.

Донбас важи за стратешки важен регион

Пред 2014 година индустрискиот регион Донбас имаше население од околу 6,5 милиони и со јагленот и железото беше јадро на тешката индустрија на Украина. Но, многу рудници и фабрики уште во тоа време беа застарени. Препуштање на регионите Доњецк и Луганск би значело дека Русија без борба би добила територија која што никогаш не можела воено да ја освои. Освен тоа, Киев со делот што сè уште е под контрола на Украина би изгубил добро утврден одбранбен појас.

Трамп ги негира изјавите за откажување од Донбас

Уште пред коментарите на Трамп, весникот „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека американскиот претседател на состанокот во петокот (17.10) го притискал украинскиот колега Володимир Зеленски да се откаже од целиот Донбас во замена за крај на војната. Со тоа рускиот претседател Владимир Путин би постигнал една од неговите најважни цели во војната што трае од 2022 година. Еден новинар го запраша Трамп за време на летот дали навистина во петокот му рекол на Зеленски дека Украина мора да се откаже од Донбас. Трамп рече дека не се разговарало за тоа на средбата.

На средбата со Зеленски не се разговарало за Донбас, вели ТрампФотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Инсајдери сметаа дека влијаел телефонскиот разговор со Путин

Коментарите на Трамп следеа по тензичната средба со Зеленски. Украинската делегација била „разочарана“ од разговорот, изјавиле според Ројтерс две лица упатени во разговорите. Покрај тоа, Трамп ја отфрлил и испораката на ракети од типот Томахавк, кои ги бараше Киев. Сепак, американскиот потпретседател Џ.Д. Венс во неделата вечер посочи дека конечна одлука за ракетите сè уште не е донесена.

Двајцата инсајдери го пренесуваат впечатокот дека Трамп бил под влијание на телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин од минатиот четврток. Според весникот „Вашингтон пост“, Путин предложил размена на територии во која Украина ќе ги отстапи регионите Доњецк и Луганск. Токму таквата размена му ја предложиле американските претставници во петокот на Зеленски, наведува еден од изворите.

Во четвртокот Трамп и во интервју за „Фокс њуз“ беше запрашан дали Путин е подготвен да стави крај на војната „без да задржи никаква значајна украинска територија“. Трамп одговори дека Путин „нешто ќе си земе“. „Тие се бореа, а тој освои многу земја. Тој освои одредена територија“, посочи Трамп. Интервјуто беше емитувано во неделата, но беше снимено пред телефонскиот разговор на Трамп со Путин и неговата средба со Зеленски.

Повторна промена на курсот на Трамп

На летот од Флорида до Вашингтон, Трамп кој планира средба со Путин во Будимпешта во претстојните недели, го повтори ставот дека Украина веројатно ќе мора да отстапи територија. „Сè друго е многу тешко да се преговара кога ќе почнете со изјавите 'вие ќе добиете ова, ние ќе добиеме она'“, рече Трамп.

Таквите изјави означуваат натамошна промена во курсот на американскиот претседател во врска со војната. Во изминатите недели Трамп покажуваше сè поголемо нетрпение спрема Путин и се чинеше поотворен за поголема поддршка на Украина. На крајот на септември рече дека верува оти Украина може да ги врати сите територии окупирани од Русија. Притоа се работи за околу 20 проценти од територијата на Украина.

Зеленски предупредува од политика за смирување

По неговата посета во САД, Зеленски до сојузниците на неговата земја упати итен апел да не водат политика на помирување кон Русија. „Украина никогаш нема да награди терористи за нивните злосторства и ние сметаме на нашите партнери и нивната поддршка за таквата позиција“, напиша Зеленски на Телеграм во неделата. Украинскиот претседател порача дека дошло време за уште една средба на т.н. Коалиција на волните. Зеленски ја образложи потребата од скорешен состанок на претежно европските поддржувачи на Украина со тоа дека се нужни „одлучни чекори“ против Русија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми