1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Трамп: Целите во Иран се речиси исполнети

ЖА / агенции
2 април 2026

Американскиот претседател Доналд Трамп во обраќање до нацијата порача дека американските воени цели во Иран се „пред целосно исполнување“, најавувајќи нови тешки удари.

Американскиот претседател Доналд Трамп со обраќање до нацијата
Војна со Иран: американскиот претседател Доналд Трамп во обраќање до нацијата порача дека САД ќе „ја завршат работата“Фотографија: Alex Brandon/REUTERS

Во обраќање до нацијата, американскиот претседател  Доналд Трамп го бранеше воениот ангажман во Иран. Тој истакна дека САД се „кратко пред целосна реализација“ на поставените воени цели.

Според Трамп, во изминатите недели американските вооружени сили постигнале „брзи, одлучни и убедливи победи на бојното поле“. Тој тврдеше дека иранската морнарица и воздухопловни сили се уништени, а ракетниот арсенал на Техеран е „речиси исцрпен или оневозможен“.

Најавени нови напади врз Иран

Трамп предупреди дека  Иран ќе биде „силно погоден“ во следните две до три недели. „Ќе ги вратиме во камено доба, таму каде што припаѓаат“, рече тој. Паралелно продолжуваат и дипломатските разговори, но доколку не се постигне договор, САД ќе извршат тешки напади врз иранските електрани – закана што Трамп ја повторува веќе неколку недели.

Претседателот повторно го оправда американскиот ангажман со иранската нуклеарна програма, нагласувајќи дека никогаш нема да дозволи Иран да дојде во посед на нуклеарно оружје.

Трамп повторно ги повика  државите кои увезуваат нафта преку Ормускиот Теснец да покажат „храброст“ и сами да ја обезбедуваат важната поморска рута. „Земете ја, заштитете ја и користете ја за сопствени потреби“, изјави тој.

НАТО не беше спомнат во говорот, откако претходно Трамп упати жестоки критики кон Алијансата и се закани со можен повлекување од неа.

Внатрешнополитички притисок и неизвесни стратегии

Во САД расте внатрешнополитичкиот притисок врз Трамп поради  војната со Иран,   особено по значителниот пораст на цените на нафтата и бензинот. Неговото обраќање беше долго очекувано, а дел од аналитичарите сметаа дека би можел да најави самостојно запирање на конфликтот. Истовремено, со денови циркулираат извештаи за можни планови за копнена офанзива на американската армија.

Од почетокот на воените дејствија, САД повеќепати ги менуваа изјавите за своите крајни цели. Критичарите го обвинуваат Трамп за недоследност и отсуство на јасна стратегија. И покрај тоа што често тврдеше дека американските цели се „на работ на исполнување“, Иран упорно ги отфрлаше тие тврдења.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми