Трамп воведува санкции врз руските нафтени гиганти
23 октомври 2025
За првпат во својот втор мандат американскиот претседател Доналд Трамп воведе санкции против руските нафтени компании Лукоил и Роснефт поради војната во Украина. „Со оглед на одбивањето на претседателот Владимир Путин да ја заврши оваа бесмислена војна, Министерството за финансии воведува санкции врз двете најголеми руски нафтени компании кои ја финансираат воената машина на Кремљ“, соопшти американскиот министер за финансии Скот Бесент.
По објавата на Бесент, американскиот претседател Трамп изјави дека се надева оти „масивните“ санкции против Русија ќе бидат краткотрајни. Тој исто така рече дека ја откажал претходно најавената средба со рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта. Според изјавата на Трамп дадена по средбата со генералниот секретар Марк Руте во Белата куќа, се немало чувство дека се стигнува таму каде што треба да се биде. Иако американскиот претседател изјави дека би сакал да се сретне со Путин во одреден момент, тој не прецизираше локација или датум. Кремљ претходно соопшти дека гласините за откажување на средбата се лажни.
Украинската амбасадорка во САД ги поздрави новите американски санкции против Русија. Оваа одлука е во согласност со ставот на Украина „дека мирот може да се постигне само преку сила и максимален притисок врз агресорот, користејќи ги сите достапни меѓународни инструменти“, рече Олха Стефанишина.