Трамп за Гренланд: „Ќе биде направено!!!“
19 јануари 2026
Во спорот околу Гренланд, американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја обвини Данска дека не прави доволно против заканата која ја претставува Русија за арктичкиот остров. НАТО ја предупредува Данска за „руската закана“ веќе две децении, напиша Трамп на неговата соcијална мрежа Трут соушал. „За жал, Данска досега не можеше да стори ништо во врска со тоа. Сега е време и ќе биде направено!!!“ Трамп не прецизираше на кои конкретни чекори мисли.
Американскиот претседател повеќепати јасно ставаше до знаење дека САД сакаат да го анектираат овој остров - што европските партнери на НАТО силно го отфрлаат.
Трамп претходно предупреди дека, во спротивно, Русија или Кина би можеле да преземат стратешки важната територија на Арктикот. Гренланд е во голема мерка автономен и припаѓа на државната територија на Данска, членка на НАТО.
Во саботата, Трамп најави царини против Германија и други земји од НАТО. Меѓу причините беше нивната заедничка воена извидувачка мисија на Гренланд. Оттогаш, Европа е на курс на судир со САД. На вонредниот самит на европските шефови на држави и влади на крајот на неделава, треба да се дискутира и за контрамерките вредни милијарди кои ЕУ ги има на располагање како трговски опции.