Трамп и Шајнбаум со различни изјави за мексиканската граница
28 ноември 2024Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп тврди дека мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум во телефонски разговор се согласила да ја „запре“ имиграцијата во САД. Претседателката „се согласи да ја запре миграцијата низ Мексико и во САД и со тоа да ја затвори нашата јужна граница“, соопшти Трамп на својата онлајн мрежа Truth Social.
Шајнбаум тоа веднаш го отфрли и на онлајн платофрмата Х објасни дека нејзината земја не планира да ги затвори своите граници. Ставот на Мексико не е „да ги затвори границите, туку да гради мостови меѓу владите и меѓу народите“, тврди Шајнбаум, додавајќи дека таа му ја објаснила на Трамп стратегијата на нејзината земја: Мексико се грижи за мигрантите „пред да стигнат до границата“.
Шајнбаум првично изјави дека со Трамп разговарала за „стратегијата“ на Мексико во однос на миграцијата. Притоа, таа не даде никакви информации за затворање на границата. Според Шајнбаум, двајцата разговарале и за зголемување на соработката во делот на безбедноста и за напорите на Мексико „да се спречи употребата на фентанил“.
За својот прв ден на функцијата, Трамп најави агресивна трговска политика со високи царини против соседните земји Канада и Мексико, како и против најголемиот ривал Кина. Увозот од Канада и Мексико би подлежел на царина од 25 отсто, а треба да има дополнителна доплата од десет отсто за стоки од Кина, објасни тој во понеделникот вечерта (25.11).
Републиканецот, кој го започнува својот втор мандат како американски претседател на 20-ти јануари, ги поврза најавените зголемувања на царините со барањето трите држави да го запрат шверцот на дрога и илегалната миграција во САД. Трамп ја направи илегалната миграција едно од најважните прашања во својата кампања и вети дека ќе изврши масовна депортација со помош на американската војска.