1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трансакциски трансатлантизам

13 јули 2023

Одбивањето на НАТО барем да испрати покана за идно членство, во час кога Украина ја бие битката за Европа, беше студен туш за Зеленски, борците на фронтот и за народот на Украина. Пишува Арсим Зеколи.

Фотографија: Michael Bihlmayer/Chromorange/picture alliance

Никој јавно нема да признае, ниеден нема да се согласи, сите ќе се згрозуваат, колективно дистанцираат, гласно осудуваат а сепак секој балкански политички лидер интимно копнее за барем еден телефонски повик од Москва или од Пекинг. Особено по вестите пред и по Самитот на НАТО во Вилнус и сублиминалните пораки вткаени во нив.

Никој пристојно информиран и свесен за реалностите околу зачленувањето во НАТО и војната во Украина не очекуваше дека првенците на Алијансата ќе изгласаат прием на Украина како рамноправна членка. Но одбивањето барем да се испрати покана за идно членство, во час кога Украина ја бие битката за Европа, беше студент туш за Зеленски, неговата влада, борците на фронтот и народот на Украина која одекнува многу подалеку од границите на таа земја. За болката да биде поголема се погрижија неколку претставници од Западот со критики за „јазикот од Киев кој недоволно ги вреднува помошта и подршката на НАТО за Украина”. Како ли само одекнува таквото укажување за „центите, доларите, еврата” во ушите на оние кои вредноста на животот ја мерат според цифрите на дневно загинати во борба или убиени во бомбардирања на браникот на домот, Европа и НАТО? Во секој случај, Украина, Украинците ја разбраа горката порака дека, сепак, идеалот на независноста е утопија за народите сведени на тревки меѓу слоновите. Биди среќен ако не те прегази едниот и не те помоча другиот. Тешко на тебе ако ти се случат и двете. 

Триумфот на Ердоган  

Болниот пораз на очекувањата на Зеленски немаше да биде толку горчлив да не беше вкусот на слаткиот триумф на Реџеп Таип Ердоган во добивање на се што му лежеше на срце и притоа нешто плус, онака, за чалам и сеир. Долгата игра на Балансерот од Босфорот на крај се заокружи со маестрално крешендо. Во службена форма на давање изим за Шведска, добивање куп авиони, изнудување средба со „непопустливиот” Бајден, засилена позиција во Медитеранот и предизвикување раздор во ЕУ кој допрва ќе ескалира до октомври кога Турција треба да го ратификува членството на Шведска во НАТО. Или нема да го ратификува. Или можеби ќе побара уште некоја мала отстапка, скраја наведените службени и само Бајден знае кои други помалку службени отстапки и бенефити за Анкара.

Навистина, Москва се почувствува навредена и измамена од одлуките на Анкара за транспорт на житото, под нејзина поморска заштита, како и од враќањето на ранети борци во Украина. Но сето тоа ќе биде заборавено во неделите пред нас во кои Турција ќе искаже разбирање за одредено барање или потреба од Москва, враќајки го балансот во рамномерна позиција. И сето тоа би било подложно на оправдана критика за експлоатација на конфликтот, дури и за воено профитерство од страна на Анкара на сметка на Украина, Русија, Шведска, НАТО. Сепак, проблемот со таквите обвинувања е што секако би биле пресретнати со реторичко контрапрашање – што тоа правиме што вие не го спроведувате?

Секако, формално правно, одбивањето да се испрати покана за членство до Киев може да се аргументира со, претпоставувам, десетици клаузули, членови, правилници на НАТО бирократијата. Поткрепено и со дузина повеќе разумни аргументи за неспоивоста на членството со воената состојба, или пак со „потребите за адаптирање кон НАТО стандардите” од страна на земја која 500 дена со свое тело и своја крв и одолева и ја победува клучната ривалска сила на НАТО! Но секако, од друга страна, постои и алтернативна верзија за одбивањето на „РСВП покана” за членство на Украина, инспирирана од желбата да се испрати порака до Москва дека Западот е отворен за преговори. За мир со Украина. Или околу Украина. Врз Украина? Без Украина? Или минус Крим. Битно, Западот е отворен за бизнис. 

Арсим Зеколи, автор на колумнатаФотографија: DW/K. Blazevska

„Креативни решенија“  

Во приквечерието на самиот во Вилнус, престижниот Форин Полиси објави осврт за моделите за разрешување на кризата, под наслов кој објаснува се: „Украина може да биде следната Западна Германија”. Во смисла да сегашните слободни територии на Украина бидат примени во НАТО, додека пак Крим треба да почека на некои идни, можни, евентуални, иншала пресврти за враќање кон матицата. За Украинците ова можеби, поточно сигурно, ќе звучи како шокантен пресврт и непријатна порака од Западот. За разлика од нас на Балканот навикнати да секоја трета недела слушнеме за некој Stifftung предлог на споредување на Босна со Белгија, на Косово со Јужен Тирол, на Македонија со швајцарски модел, секогаш засладено со подвлечени поволности и премолчани горки апчиња со одложено отровно дејство. Затоа, предлогот Украина минус Крим во НАТО е само увертира, претходница за десетици други „креативни решенија” нудени како мировни формули, но со долга опашка на удоволување на Русија како „преголема, за да се дозволи да падне” сила.

Украинците се стар, мудар, низ горски истории искален народ кој сепак нема да биде премногу изненаден од ваквата превртливост. А сепак, чинам дека факторот на изненадување е присутен поради тоа што веќе не се чека на мирот, туку се пристапува кон пазарења среде војната во полн ек. Можеби некој во Киев веќе ги пронаоѓа паралелите помеѓу сегашните „креативни решенија” за Крим, слични на креативните решенија за Брчко во Босна или Митровица во Косово, како перфидно и дискретно закопани иницијални каписли за некои идни судири и мировни решенија.

Решенија како на Балканите, во кои сите се прибраа во Алијансата, но најголемите жртви на агресијата, Босна и Косово, се оставени во друштво со Србија и нејзината пародија „Никогаш повеќе? А зошто не повторно”. Но тоа не е единственото предупредувачко искуство од Балканот за кое Украина треба да води сметка. Моите западни собеседници, дипломати и новинари, веќе подолго време укажуваат за подемот на дискурсот низ бриселските коридори дека „Босна, Косово, Македонија не се држави во целосна смисла на зборот”, главно лиферувана од француски, шпански, словачки, романски дипломати.

Скорешната меморија неминовно ме потсетува дека слични „согледувања и заклучоци” пред и по агресијата се форсираа низ дипломатските кругови во однос на Украина, според логиката дека станува збор за „територија на која живеат католици и православци кои едвај чекаат на прв миг да се збогуваат и тргнат по свој пат”. А доколку се навратиме поназад во историјата, таквите мисли на западните интриганти се ништо повеќе и ништо помалку туку современа верзија на српската доктрина дека „Албанците, Црногорците, Македонците, Босанците, Хрватите не знаат да прават и не знаат да одржуваат држава”, преземена од империјалната руска супремација дека „од Белорусите, Украинците, кавкаските, централно-азиските племиња создале народи неспособни за самоуправување”. Во секој случај, редно е фондациите задолжени за „спречување на руската пропаганда” да намалат со подучување на Балканите и се фокусираат врз француските, шпанските, словачките, романски просветителски емисари на српско-руските интереси и пропаганди. 

Судир на предрасуди  

Сличностите меѓу додворувачкиот однос на САД и на ЕУ кон агресијата и хегемонијата на Србија во регионот е доказ за постоењето на вирус, тренд кој секако ќе биде употребен и во однос кон Русија и нејзините аспирации. Нус ефект на таа нова, трансакциска доктрина на трансатлантизмот е подлогата врз која Турција на Реџеп Таип Ердоган ја изгради сопствената стратегија на балансер, посредник помеѓу силите и избегнување на статичната улога на тревка меѓу слоновите. Суштината на таа стратегија е реал-политичката оценка дека Западот те цени онолку колку што си вреднуван од Истокот. И таа суштина ја има разбрано секој политички фактор, лидер, демагог, демократ, автократ во регионот, првично Вучиќ, следен од Рама, надоврзан со Радев па се до Ахмети. 

Би сакале да е избрзана оценка, но сигналите од Брисел недвосмислено се повеќе наликуваат на оние кои Обединитети нации првично и ОБСЕ последователно ги испраќаа пред да ја изгубат сопствената улога и потонат во сивилото на бесмислени псевдо-мултилатерални talk-shop институции. Во однос на нашиот регион, тоа веќе се искажува преку НАТО превземањето на ЕУ предрасудата кон Балканот како „наша територија, туѓи народи и култури”, карши анкарската алтер-верзија на „туѓа територија, делумно наши народи и комплетно наша култура”. Среде тој судир на предрасуди камуфлиран како судир помеѓу цивилизации, фокусот е врз Србија како епитом на западната супремација изнедрена од американскиот ексцепционализам, но во српска верзија на Небески Народ. Со таквиот деструктивен пристап, доскоро форсиран од ревизинистичките кругови во ЕУ и сега во процес на инфицирање и на НАТО, одговорноста за случувањата низ регионот веќе нема да може да бидат сведени на блуткавите мрчења на Бизмарк за безвредноста на Балканите. Бидејќи ова веќе не е приказна за Европи и Америки на Балканите. Туку за Балканите во нивните домови. Кои некаде се викаат Париски банлиеја, а некаде Шарлотвилски ноќни марширања.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми