1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трендафилов бара истрага: „Ми ги следат децата“

11 февруари 2026

Лидерот на ССМ, Слободан Трендафилов обвинува дека пратеничката Дафина Стојаноска објавила снимка со неговите деца и бара истрага. ССМ продолжува со протести за повисоки плати.

Лидерот на ССМ, Слободан Трендафилов 2 април 2024
Лидерот на ССМ, Слободан Трендафилов бара истрага кој го следи и ги злоупотребува неговите децаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, денеска остро реагираше дека е следен – не само тој, туку и неговите деца. Според него, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, незаконски објавила видео-снимка на која се гледаат неговите малолетни деца, што го оценува како „директна злоупотреба“.

Трендафилов бара одземање на имунитет и истрага

Трендафилов побара МВР да утврди кој ја снимал видеоснимката и да ѝ биде одземен пратеничкиот имунитет на Стојаноска, со цел да преземе правни мерки и раководството на ВМРО-ДПМНЕ да ја разреши од функциите.

Видеото е објавено за време на блокадата на Собранието, организирана од ССМ како дел од протестите за покачување на минималната плата. На видеото, чиј линк го сподели Стојаноска, се гледа како Трендафилов и неговите две деца влегуваат во возило.

„Не го слушајте што зборува, туку гледајте го како се однесува…Трендафилов, службеното возило на ССМ и приватните обврски“, напиша таа на социјалните мрежи. 

Трендафилов возврати дека може да биде сниман, но дека е „апсолутно недозволиво“ да се снимаат и злоупотребуваат малолетни деца за политички цели.

ССМ ќе ги блокира приодите кон Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Повик до институциите – МВР, Обвинителство и меѓународната заедница

На прес-конференција во ССМ, Трендафилов тврдеше дека снимките направени во близина на училиште каде учат неговите деца, претставуваат кривично дело и доказ дека службите го следат.

Тој упати јавна критика кон пратеници, членови на власта и институциите, обвинувајќи ги дека вршат притисок врз него поради синдикалната борба за повисоки работнички плати.

Трендафилов ги повика МВР и Обвинителството да преземат итни чекори, оценувајќи го објавувањето на снимката како „злоупотреба на деца“. Тој најави дека за случајот ќе бидат известени и меѓународни институции.

ВМРО-ДПМНЕ: Трендафилов се претставува како жртва

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека протестите на ССМ завршиле со фијаско, а политичката позадина зад нив станува јасна. Во соопштението велат дека Трендафилов „лажно се претставува како жртва“ и потсетуваат дека самиот признал дека има плата од 57.000 денари и службено возило.

Обвинувањата следат откако ССМ во вторникот го блокираше Собранието, а за утре најави дека ќе ги блокира приодите кон Стопанската комора, Организацијата на работодавачи и Бизнис конфедерацијата. Блокадата ќе почне на раскрсницата пред Стопанската комора во 12 часот.

ССМ најави дека ќе продолжи со притисок кон Собранието и Владата за минимална плата од 600 евра и намалување на функционерските плати за 80%. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми