1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УНЕСКО пак бара Охрид да се прогласи за загрозено наследство

ДТЗ
8 јули 2025

Прашањето дали Охридскиот регион ќе се најде на Листата на светски богатства во опасност, по трет пат се наоѓа на дневен ред на УНЕСКО. Екологистите преку писмо бараат да запре деструкцијата на регионот

Брод закотвен на пристаништето во Охрид, во позадина се гледа стариот град
Трет аларм за Охридскиот Регион: УНЕСКО повторно го отвора прашањето за светско наследство во опасностФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

Прашањето дали Охридскиот регион ќе се најде на Листата на светски природни и културни богатства во опасност, повторно е на дневен ред на  47. Сесија на УНЕСКО што се одржува во Париз. Ова  е трет обид да се упати аларм дека работите не се движат во вистинска насока и дека не се вложуваат доволно напори за зачувувањето на ова природно богатство, коешто се наоѓа на удар на масовна бетонизација, дивоградби и недоволна заштита на езерото и неговата околина. 

Досега двапати имаше обид преку нацрт-документ да се упати аларм до македонските власти на кои има беа давани дополнителни шанси за да се исправат аномалиите. Во пресрет на третиот обид, 39 организации и една европска мрежа со 15 организации-членки, доставија писмо до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО со кое бараат да се усвои нацрт-одлуката за впишување на Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност.

„Ова е можеби единствениот начин да запре тековниот тренд на деструкција којашто ги брише вредностите пред нашите очи“, вели за ДВ, Искра Стојковска од „Фронт 21/42“.

Дали Охридскиот регион ќе се најде на Листата на светски богатства во опасност?Фотографија: Daniela Trpcevska-Zafirovska/DW

Што содржи документот на УНЕСКО?

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во нацрт-документот посочува дека продолжува деградацијата на атрибутите што го поместија Охридскиот регион како заштитено наследство на УНЕСКО и се бара исполнување на забелешките на Реактивната мониторинг мисија од минатата година.

И овој пат се нотираат слабостите за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно односно културно наследство прогласени за светско богатство. Во нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство се бара од Македонија итно да ја подобри заштитата на Студенчишко Блато, веднаш да ги стопира сите градежни активности во околината на блатото и хотелскиот комплекс Горица и да го ревидира предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природата за да осигура дека истиот е во согласност со стандардите на ИУЦН и наодите на мисијата од 2024 година.

Во нацрт-документот пак се бара од властите во Македонија итно и со целосно почитување на препораките за заштита на вредностите на регионот да ги суспендираат измените на Деталните урбанистички планови и одобрувањето на Локалните планови за развој надвор од населените места сè додека не се изготви Стратешката проценка, да ги изработат Генералните урбанистички планови за Охрид и Струга,како и инструментите за просторно планирање за неизградени области. 

Дополнително се повикуваат властите да достават физибилити студија за алтернативна траса на железничкиот „Коридор 8', со детални студии и проценки за опциите за трасата на автопатот од Коридорот и придружни проценки на влијанија за поединечните проекти, пред да се донесат какви било неповратни одлуки.

Во документот се повикуваат Македонија и Албанија да работат на зајакнување на прекуграничниот дијалог, и на високо институционално и на оперативно ниво, за да се обезбеди ефективно и одржливо управување со регионот.

Доколку биде усвоена нацрт-одлуката на Комитетот, не значи дека Охридскиот регион ќе биде избришан од листата заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку извесна разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.

Охридскиот Регион се наоѓа на удар на масовна бетонизација, дивоградби и недоволна заштита на езерото и неговата околина. Фотографија: Boris Georgievski/DW

Апелот на екологистите

Бројни организации од регионот и од Европа испратија писмо до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, во кое бараат Охридскиот регион да се впише во Листата на светски наследства во опасност. 

Во следните неколку дена Комитетот во Париз по третпат ќе гласа дали Охридскиот регион е наследство во опасност. 

„Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција, итната потреба за реставрација на природните и културните вредности на подрачјето, екстремно загрижени поради сите се уште нереализирани (но усвоени/одобрени) планови и проекти и реалната опасност за неповратно губење на интегритетот и автентичноста, бараме Комитетот за светско наследство да го заштити и зачува Охридскиот регион за сите идни генерации, со тоа што ќе ја усвои нацрт-одлуката за негово впишување во Листата на светски наследства во опасност“, се вели во писмото потпишано од 17 организации од Македонија, 13 од Албанија, 1 европска мрежа од 15 организации и 9 организации од Хрватска, Србија, Бугарија, Австрија и Обединетото Кралство.

Граѓанските организации го доставија писмото до сите 21 членови на Комитетот, со кое бараат усвојување на нацрт-одлуката, „имајќи ги предвид претходните две искуства, кога Комитетот ги игнорираше препораките на експертите Охридскиот регион да биде прогласен за светско наследство во опасност, што резултираше со нови закани и уште поголемо уништување на вредностите“.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми