1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Муртезани најавува дијалог и можен трет протокол со Софија

28 ноември 2025

Министерот за европски прашања Муртезани најави напори за дијалог со Софија и можен трет протокол за надминување на спорот и забрзување на евроинтеграциите.

Министерот за евроинтеграции, Орхан Муртезани
Европски пат преку дијалог: Муртезани за можен трет протоколФотографија: Damjan Cunihin/Reg. Nordmazedonien

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вели дека по локалните избори, заедно со европските партнери, се работи на воспоставување дијалог и враќање на довербата меѓу Скопје и Софија. Целта е надминување на спорот и деблокирање на евроинтегративниот процес на земјата.

На прес-конференција во Скопје со шведската министерка за европски прашања Јесика Розенкранц, Муртезани одговори на новинарско прашање за можен трет протокол со Бугарија, како креативно решение за надминување на разликите – идеја што претходно ја спомена претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

„Во моментов се прават напори за воспоставување дијалог и градење доверба. Без тоа, не може да се зборува за надминување на проблемот“, изјави Муртезани. 

Дијалогот со Софија е клучот за европската иднинаФотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Идејата за трет протокол

Сиљановска Давкова во гостување на ТВ 24 предложи нов протокол како креативно решение:

„Отворете го Договорот за пријателство и добрососедство – таму нема збор за уставни измени. Нека бидат креативни, трет протокол нека усогласат, во кој ќе кажат дека прашањата за историјата, културата и идентитетот не може да бидат услов“, рече претседателката.

Американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за ТВ 21 изјави:

„Сто проценти сум сигурна дека се работи на уставните измени“.

„Сто проценти сум сигурна дека се работи на уставните измени“, изјави амбасадорката АгелерФотографија: Reg. Nordmazedoniens

Муртезани потврди дека тоа е преземена обврска. „Секако дека на уставните измени мора да се работи. Без нив нема преговори и нема членство во ЕУ. Но, во моментов не можеме да зборуваме за процесот кога нашите грижи не се адресирани. За тоа е потребен редовен дијалог и враќање на довербата“, вели тој. 

Шведската министерка за европски прашања Јесика Розенкранц порача дека сега е моментумот за проширување на ЕУ, додека постои нова енергија меѓу земјите-членки.

„Ја охрабрувам Северна Македонија да ги забрза реформите, особено во владеење на правото и антикорупција, за да го искористи овој историски момент“, вели таа.

Иднината на Македонија е во ЕУ, вели МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Мицкоски: Иднината е во ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски, деновиве одговарајќи на пратеничко прашање за извештајот на Европската комисија, нагласи дека иднината на Македонија е во рамките на ЕУ.

„За тоа треба да ги започнеме и завршиме преговорите. Ќе сториме сè за да ја реализираме таа стратешка цел, но мора да биде без двојни стандарди и согласно Копенхашките критериуми“, дециден е премиерот. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми