1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трговците побрзи од мерките-дали ќе поевтинат 73 производи?

ДТЗ
24 септември 2024

Над 70 производи треба да се продаваат по намалени цени по стапувањето на сила на владината одлука за ограничени профитни маржи од 10%. За „непослушните“ трговци се најавуваат казни

Македонија Храна
Над 70 производи треба да се продаваат по намалени цени по стапувањето на сила на владината одлука за ограничени профитни маржи од 10%. За „непослушните“ трговци се најавуваат казниФотографија: Petr Stojanovski

Над 70 производи треба да се продаваат по намалени цени по стапувањето на сила на владината одлука за ограничени профитни маржи од 10 отсто. Станува збор за лепеза на производи од пекарската, месната и млечната индустрија, како и овошјето и зеленчукот. Според владината одлука тие не смеат да поскапат до 31 октомври. Премиерот Христијан Мицкоски очекува да се почитува ваквата мерка и најавува казни за оние коишто ќе ја прекршат. Од Сојузот на синдикатите пак, алармираат дека трговците ги пресретнале плановите на надлежните и поитале да ги зголемат цените на производите, пред да стапи на сила владината мерка. 

Листата ќе се ажурира 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека секој трговец кој се однесува шпекулативно, неморално и неетички ќе биде санкциониран.

„Очекувам тоа што е договорено да биде и почитувано. Мерката треба да стартува денеска и очекувам намалување од најмалку 10 проценти“, порача Мицкоски, во однос на стапувањето во сила на ограничените профитни маржи за 73 прехранбени производи. 

Мерката ќе трае до крајот на октомври, а листата на производи и понатаму ќе се ажурира во зависност од потребите на граѓаните. „Производите не се резултат на шпекулативна мерка, туку се резултат на анализа и теренски анкети водени со граѓаните кои производи можеби се најкористени од граѓаните, така ќе биде  и пред новогодишните празници, така ќе биде и напролет, цело време така ќе функционираме. Целта ни е да го олесниме животот на граѓаните и да ја намалиме цената на производите“, изјави Мицкоски при посетата на општина Ѓорче Петров. 

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека секој трговец кој се однесува шпекулативно, неморално и неетички ќе биде санкциониран.Фотографија: DW

Трговците побрзи од мерките 

Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, пак, покажуваат дека во септември минималните трошоци на едно четиричлено семејство изнесуваат 61.306 денари што е зголемување за 107 денари во однос на август кога истите трошоци изнесувале 61.199 денари. 

Според нив, загрижува податокот во делот на трошоците за исхрана и пијалоци за месец септември кои изнесуваат 23 034,00 денари споредено со месец август (22 317,00 денари) и истите како трошок се зголемени за 717,00 денари. 

„Тоа покажува дека трговците во текот на месецот ги искористија најавите за воведување на ограничени маржи или цени за да ги зголемат цените на основните прехранбени производи пред објавување на Одлуката на Владата во Службен весник и на тој начин дополнително да се збогатат и да си осигураат зголемени цени и во наредниот период, односно за време на траењето на Одлуката за ограничени маржи на штета на граѓаните и работниците во Македонија“, велат од ССМ. 

Во листата на производи со ограничени маржи се опфатени 86 отсто од производите во синдикалната минимална кошничка (ориз, леб, брашно, пекаркси производи, масло за јадење, месо, риба, млеко, овошје, зеленчук, сокови, кафе и други производи). Синдикатите очекуваат дека доколку трговците ја почитуваат мерката за ограничување на маржите, тоа ќе придонесе за значајно намалување на трошоците за храна и пијалоци на најранливите категории на граѓани или на работниците со најниски примања.

Владата ги задолжи трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди јасно да ги обележат со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд. 

Целата листа можете да ја погледнете тука.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми