Трговска политика: Какви царини планира Трамп?
2 април 2025
Доналд Трамп ја продолжува својата агресивна трговска политика. Со цел да се спротивстави на она што тој го нарекува „нелојална трговија“ и за да постигне понатамошни политички цели, американскиот претседател сака да објави нови, далекусежни царини денеска, на 2-ри април, што неодамна го нарече „Ден на ослободувањето“.
Кои би биле новите царини?
Досега е финализиран само мал дел од плановите. Сепак, тој дел е сериозен: почнувајќи од четврток, на сите автомобили увезени во САД ќе следува дополнителна царина од 25 проценти. На крајот на март, Трамп увери дека овие царини повеќе нема да се преговараат, туку ќе бидат „трајни“. Евентуалните понатамошни одлуки само се наѕираат. За време на викендот, 78-годишникот веќе изјави дека нема да биде поштедена ниту една држава.
Според претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, САД ќе воведат нови специјални царини за увоз на полупроводници, фармацевтски производи и дрво. Покрај тоа, се очекува дополнително најавување на таканаречените реципрочни царини, кои имаат за цел да одговорат на наводни неправедни царини од страна на други земји, изјави претседателката на ЕК во вторникот пред Европскиот парламент. Доналд Трамп веќе најави дека овие реципрочни царини ќе вклучуваат и други трговски бариери, како што се посебните барања за увоз или субвенции. Но, најлошото сценарио сè уште не е одминато: тоа би биле паушални дополнителни царини за целиот увоз од 20 или дури 25 проценти. Какви царини и да се воведат, тие најверојатно ќе бидат во висина на околу 20 отсто, објави „Вашингтон пост", цитирајќи упатени лица. Трамп најави и дополнителни царини кои не се директно поврзани со економските цели. Треба да има драстична казнена царина против земјите кои купуваат нафта и гас од Венецуела.
Ваквите таканаречени секундарни царини во иднина би можеле да влијаат и на земјите кои купуваат гориво од Русија или Иран.
Какви царини веќе воведе Трамп?
Од 12 март важат американски царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум. САД увезуваат околу половина од челикот и алуминиумот што се користат во земјата. На првото место на листата на снабдувачи е Канада, потоа Бразил и ЕУ. Трамп веќе имаше сеопфатна размена на удари со своите соседи Мексико и Канада.
Првично, Трамп најави паушални казнени царини од претежно 25 проценти од 1-ви февруари. По две одложувања и меѓусебни закани, производите кои потпаѓаат под договорот за слободна трговија УСМЦА (USMCA) засега се исклучени. Трамп беше помалку попустлив кон Кина. Дополнителни царини од 20 отсто се во сила на кинескиот увоз во САД од 4 март. Со Кина САД имаат најголем трговски дефицит. Пекинг досега реагираше особено со царини за голем број земјоделски производи од САД.
Како ќе реагира ЕУ?
Комисијата на ЕУ, која е одговорна за европската трговска политика, до неодамна ја нагласуваше својата подготвеност да преговара. Како и еднаш претходно, на обновените царини за челик и алуминиум Унијата одговори со царини за „оригинално американски“ производи како фармерки, виски и мотоцикли, кои првично требаше да стапат на сила од вторник. Сепак, почетокот беше одложен за средината на април. Една од причините може да биде и заканата на Трамп за царини од 200 проценти за алкохолни пијалоци како вино и шампањ.
Меѓутоа, Брисел се чини решен да ги прошири своите одмазднички мерки доколку преговорите со САД пропаднат. „Не сакаме по секоја цена да возвратиме, но ако тоа стане неопходно, имаме силен план“, рече Фон дер Лајен. Европа располага со „сите средства да ги заштити луѓето од Европа и нашиот просперитет“. Брисел засега молчи за дополнителни детали. Неодамна имаше повици за таргетирање на интернет гигантите од САД. Ова може да значи такси или дури и дигитален данок.
Што би следело натаму?
Во секој случај, трговските партнери на САД се соочуваат со тешки преговори. ЕУ веќе иницираше разговори за различни нови договори, на пример за зголемен увоз на американски течен природен гас или воена технологија. Сепак, резултатите од досегашните преговори укажуваат дека трговијата најверојатно повеќе нема да се одвива како порано. Во најлошото сценарио, трговскиот спор би ескалирал во целосна трговска војна - со сериозни последици за економијата. Фон дер Лајен изјави дека американските царини повторно ќе ја поттикнат инфлацијата, ќе ги зголемат трошоците на компаниите и на крајот ќе доведат до намалување на работни места. За Германија, која испорача околу десет проценти од својот извоз во САД минатата година, не е исклучена ни рецесија.
Автор: Детлев Ландмесер, АРД