Трамп најавува дополнителни царини од 100% за Кина
11 октомври 2025
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дополнителни царини во висина од 100 отсто за увозот од Кина во САД. Тие ќе стапат на сила од 1 ноември – или порано, во зависност од понатамошното дејствување на Кина – напиша републиканецот на својата социјална мрежа Трут Соушл. Тој го образложи планот со актуелната трговска политика на Кина и однесувањето на Кина го нарече „вонредно агресивно“.
Меѓу Кина и САД моментално владее затишје во трговскиот спор, кој ескалираше на пролет. Двете земји во април воведоа давачки од над 100 отсто за увозот од другата земја.
Контроли за важен софтвер
Од соопштението на Трамп не беше јасно дали сега најавените царини се дополнително зголемување на оние веќе најавени на пролет или како се однесуваат кон нив. Трамп во својата објава најави и контрола на извозот за секој важен софтвер почнувајќи од 1 ноември. Тој не даде попрецизни детали за тоа. Така наречените контроли на извозот најчесто се забрани за извоз кои владата може да ги укине во одделни случаи. Со тоа, една земја може да влијае на тоа кои производи стигнуваат во други држави.
Кина воведува дополнителни услови
Претходно, Кина изјави дека извозот на технологии поврзани со ретки метали отсега ќе биде построго контролиран. Компаниите отсега ќе треба да добијат дозвола од властите доколку извезуваат машини и технологии за ископување и преработка на материјалите од Кина. За странските компании ќе важат дополнителни ограничувања.
Таканаречените ретки земјини метали се исклучително важни за електрониката, од паметни телефони до телевизори, како и во производството на автомобили и во одбранбената индустрија. Кина игра централна улога во светското снабдување со овие минерали.
Трамп го доведува во прашање состанокот со Ши
Само неколку часа пред неговата најава, Трамп го доведе во прашање и неговиот планиран состанок со кинескиот претседател Ши Џинпинг во Јужна Кореја, повикувајќи се на тековниот трговски конфликт. Тој требаше да се сретне со Ши на самитот на Азиско-пацифичката економска заедница (АПЕК), што се одржува кон крајот на октомври – „но сега се чини дека веќе нема причина за тоа“, напиша републиканецот во петокот на социјалната мрежа Трут Соушл. Како причина, Трамп ги наведе најавените извозни ограничувања за ретките метали и други материјали. Ова „дошло од никаде“, може да ја парализира светската трговија и да им наштети на многу држави. Народна Република станува сè повеќе „непријателска“, смета Трамп.