САД: Дефицитот речиси непроменет и покрај царините
20 февруари 2026
Трговскиот дефицит на САД минатата година речиси воопшто не се намалил, иако администрацијата на Доналд Трамп воведе обемни царини за увезената стока. Според податоците на американското Министерство за трговија, увозот на стоки и услуги во 2025 година ги надминал извозните приходи за околу 901,5 милијарди долари. Тоа е намалување од само две милијарди долари во однос на 2024 година.
Најголем дел од разликата произлегува од секторот на стоковната размена, каде што дефицитот пораснал за 2,1 проценти. Истовремено, суфицитот во трговијата со услуги се зголемил за 8,9 проценти, но тоа не било доволно за да го намали вкупниот јаз.
Економисти: Царините се „автогол“ за американската економија
Трамп по своето враќање во Белата куќа воведе низа казнени царини – меѓу другото и кон Европската Унија, аргументирајќи дека САД се „економски искористувани“ од други држави. За речиси сите производи од ЕУ од август важат царини од 15 проценти.
Но, според економистите, цената првенствено ја плаќаат американските компании и потрошувачи. Истражување на Институтот за светска економија во Кил, Германија, покажува дека 96 проценти од товарот од царините паѓа врз САД.
„Царините се автогол“, изјави истражувачкиот директор на Институтот за светска економија во Кил ,Јулијан Хинц, додавајќи дека тврдењето дека странските држави го носат товарот е „мит“.
Контроверзии околу студијата на Федералните резерви
Слични резултати дава и студија на регионалната централна банка, Њујоршките федерални резерви, но економскиот советник на Трамп, Кевин Хасет, остро ја отфрли оваа анализа.
„Тоа е срамен документ,“ изјави Хасет за Си-Ен-Би-Си. Според него, ова е „најлошиот труд“ објавен во историјата на системот на Федералните резерви.
Дефицитот во пораст кон крајот на годината
Во последниот квартал од 2025 година, трговскиот јаз повторно се продлабочи. Во декември дефицитот пораснал за речиси една третина, достигнувајќи над 70 милијарди долари. Причината: пад на извозот, додека увозот значително се зголемил.